четврток, декември 19, 2024
домаПОЛИТИКАСветПо изборите во Грузија претседателката Зурабишвили бара меѓународна истрага

По изборите во Грузија претседателката Зурабишвили бара меѓународна истрага

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили денеска повика на меѓународна истрага за изборните резултати во Грузија и побара меѓународен притисок да се истражи „местењето на изборните резултати“.

Според официјалните прелиминарни резултати од Централната изборна комисија, владејачката партија „Грузиски сон“ обезбеди мнозинство, но опозицијата тврди дека изборите се украдени и ги повика своите приврзаници на протест во главниот град Тбилиси синоќа, на 28 октомври. Десетици илјади Грузијци вчера се собраа пред парламентот во Тбилиси, барајќи поништување на изборите во саботата, кои грузиската претседателка Саломе Зурабишвили ги опиша како манипулација поддржана од Русија.

„Не ги изгубивте изборите. Тие ви ги украдоа гласовите и се обидоа да ви ја одземат иднината, но никој нема право да го стори тоа, а вие нема да му дозволите да го направи тоа“, рекла Зурабишвили пред толпата што веела знамиња на Грузија и на Европската унија, пренесува Ројтерс.

На прашањето на новинарот на Радио Франс Интернационал (РФИ) за најавите на Централната изборна комисија (ЦИК) на Грузија дека повторно ќе извршат „делумно пребројување на гласовите“, Зурабишвили рече дека не очекува ништо од таа комисија, која ја обвини за пристрасност, пренесува Ројтерс.

Наместо тоа, таа ја повика меѓународната заедница да изврши притисок за да ги принуди грузиските власти да го разгледаат официјалното објавување на изборните резултати и да спроведат меѓународна истрага.

Зурабишвили, чија претседателска улога е главно церемонијална, им рече на граѓаните дека ќе го брани европскиот пат на земјата и покрај постапките на владејачката партија „Грузиски сон“.

„Немаме алтернатива и сакаме да им оставиме на следните генерации земја што се движи кон Европа“, додаде таа.

Лидерот на опозициската коалиција на Обединетото национално движење, Ѓорѓи Вашадзе, истакна дека опозицијата ги одбива сите разговори со власта и инсистира на нови избори под меѓународен надзор.

„Нема да влеземе во овој парламент. Ги отфрламе сите мандати. Нема да преговараме. Ќе се бориме до победа и ветуваме дека ќе ја постигнеме“, рече тој пред насобраните.

Сите четири опозициски партии, кои според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) го поминаа прагот од пет проценти на изборите, сметаат дека гласањето е наместено и не ги признаваат резултатите.

Според прелиминарните податоци на ЦИК, владејачката партија „Грузиски сон – Демократска Грузија“ освоила 54,27 отсто од гласовите, додека опозициските партии, вклучително и „Единство“ – националното движење на поранешниот претседател Михаил Саакашвили, објавија дека не ги признаваат изборните резултати. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ