Жарко Лаушевиќ, еден од најпознатите актери на поранешна Југославија, почина во Белград на 63-годишна возраст по кратко и тешко боледување, соопшти неговото семејство. Како што пренесоа српските медиуми, датумот и местото на погребот ќе бидат објавени подоцна.
Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње, Црна Гора, а славата ја стекна со серија улоги од 1980-тите. Меѓу нив се Миљан во „Игманскиот марш“, Павле Ивковиќ во филмот „Шмекер“, Шиља во „Сивиот дом“, Петар Хрват во „Офицер со роза“, Брацо Гавран од „Браќата од мајка“ и Милош Обилиќ во „Бој на Косово“. Во 2017, Лаушевиќ беше гостин на второто издание на филмскиот фестивал Киненова во Скопје, каде на отворањето му беше врачена специјалната награда за придонес во филмската уметност.
Дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград, бил член на Југословенскиот драмски театар и добитник е на бројни награди, меѓу кои Златната арена во Пула за неговата улога во филмот „Офицер со роза“, император Константин во Ниш, „Зоран Радмиловиќ“ за улогата во „Кањош Македоновиќ“ (1989) и Стериината награда за насловната улога во претставата „Свети Сава“ (1990).
Во екот на славата животот му го одбележа случајот од 1993 година во Подгорица, кога тој и неговиот брат Бранимир биле нападнати, при што настанала физичка пресметка во која Лаушевиќ со пиштол уби двајца, а третиот го рани, за што првично беше осуден на 13 години затвор, но таа казна тогашниот Сојузен суд ја укина. Во новата постапка тој е осуден на четири години затвор, која во тој момент веќе ја одлежал, па бил ослободен. Набргу потоа замина за САД.
Во 2001 година, Врховниот суд на Црна Гора ја поништи таа одлука и го осуди на 13 години затвор. Во декември 2011 година тој беше помилуван од тогашниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, кога му беше врачен и српски пасош.
Истата година ја објавил и книгата „Година ќе помине, денот никогаш“, прва во серијалот „Дневникот на една робија“, за годините поминати во затвор. Следеа „Втора книга“ (2013), „Сè поминува, дури и доживотно“ (2018) и „Падре, идиот“ (2022).
Неодамна беше емитувана серија базирана на неговите книги и неговиот живот со наслов „Падот“, а во 2014 година беше снимен и филм “Лаушиз“ за неговиот живот.
По враќањето од Америка, Лаушевиќ се врати на актерството. Во последните неколку години одигра неколку значајни улоги, меѓу кои и принцот Ѓорѓе Караѓорѓевиќ во „Сенки над Балканот“, Аќим Катиќ во „Корени“, кралот Никола Петровиќ во „Александар од Југославија“ и Вукашин Катиќ во „Време на зло“.
Играше во филмот „Летото кога научив да летам“, серијата „Калкански кругови“ и филмот „Хероите на Халиард“. Неговото последно појавување во јавноста беше на неодамнешната премиера на филмот „Хероите на Халиард“.