Познатиот италијански композитор и добитник на Оскар Енио Мориконе почина денес на 91-годишна возраст во болница во Рим, како резултат на минатонеделниот пад, објави неговиот пријател и адвокат Џорџо Асума.
За време на неговата кариера, Мориконе има компонирано музика за повеќе од 500 филмови и серии меѓу кои: „Беше еднаш во Америка“, „Добар, лош, грд“, „Недопирливи“, „Џанго“ …
Како што пренесува италијанска „Република“, Мориконе паднал и ја скршил бутната коска пред неколку дена. Во моментот на неговата смрт, неговата сопруга Марија била покрај него. Тој остави зад себе деца и внуци. Мориконе ќе биде погребан во кругот на семејството.
За време на својата повеќедецениска кариера, Мориконе направи музика за филмовите „За еден грст долари“, „Беше еднаш во Америка“, „Малена“, „Недопирливи“ и многу други, а шест пати беше номиниран за најголемата награда во областа на кинематографијата Оскар.
Тој го освои почесниот Оскар во 2007 година за неговиот значаен придонес во кинематографијата, а Оскарот како најстар добитник го прими во 2016 година за музиката за филмот „Омразените осум“ од Квентин Тарантино.
Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година и свиреше неколку инструменти. А.Н.