Канго повеќе од 50 години се занимаваше со музика и уметност како поет-сликар, а беше основач и на културното движење „Мактеон“ кое ја промовираше македонската нација, култура и јазик. Во неговата биографија е запишано дека е роден во Кочани на 2 Ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование и каде и денес живее. Дипломирал на правниот факултет во Скопје.
Со рокенрол музиката се занимава од раната младост, а во 2005 година го прослави 40-годишниот јублиеј од својата музичка кариера со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера, свирел заедно со скоро сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго беше и гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговиот истоимен бенд.
Беше препознатлив по својот немирен творечки дух и необичен стил на музицирање и облекување, поради што го нарекуваа македонски Џими Хендрикс.
Канго зад себе има седум музички албуми, и голем број на концерти во Македонија и во странство. Исто така има издадено и четири збирки поезија. Дваесет години беше организатор на рок хепенингот ,,Орфејски мистерии’’ кој што се одржува во Кочани.