Познатиот американски џез пијанист и композитор Чик Кориа почина во средата наутро во градот Тампа Беј на Флорида на 79-годишна возраст, објавија светските медиуми, како и неговата страница на Фејсбук.
Кориа беше еден од џез-музичарите со најмногу музички награди, бидејќи во текот на животот освои 23 Греми, а во својата кариера беше номиниран за многу награди дури 60 пати.
Музичарот почина од редок вид на рак, кој беше откриен неодамна, се вели во официјалното соопштение.
Армандо Ентони Чик Кориа е роден на 12 јуни 1941 година во Челси, Масачусетс, САД и е најпознат како основач на џез-групата „ Return to Forever“ за време на 1970-тите, каде ги собра сите ѕвезди од овој жанр: Херби Хенкок , Кит Џерет, МекКој Тајнер и Бил Еванс.
Неговите композиции „ Spain“, „500 Miles High”, „La Fiesta”, „Armando’s Rhumba” и „Windows” се сметаат за џез-стандарди во светот.
Кон крајот на 60-тите години на минатиот век, тој беше член на групата на познатиот Мајлс Дејвис и на тој начин учествуваше во создавањето на жанрот џез-фузија, односно комбинација на џез и рок-музика. Со овој легендарен џез-уметник, Кориа свиреше на два албуми „во живо“: „ Black Beauty: Live at the Fillmore West“ и „ Miles Davis at Fillmore: Live at the Fillmore East“.
Тој успеваше да експериментира со различни жанрови, од камерна и симфониска музика, преку класичен џез, фузија, прогресив рок, латински џез до детски песни и авангарден џез. Го сметаа за еден од најголемите пијанисти на џез-универзумот во периодот по Џон Колтрејн, а во прв план се најде веднаш по споменатиот период на соработка со Мајлс Дејвис. А.Р.