Месечното списание ФИЛМ+ по двомесечна пауза се враќа како онлајн издание, најави издавачот Здружение „АКВАРИУС“.
-Ете, некако судбински се наместија работите нашиот 61. Број, за првпат онлајн, да излезе токму на денот кога почна да излегува ФИЛМ+, 15 октомври. Имено, на 15 октомври 2016 година излезе првиот број, а сега после цели 6 години, после повеќе турбуленции и промени, повторно се враќаме во етерот, но сега во друг формат.
Нека ни е честит 61. број, дефинитивно завидна бројка, особено со оглед на состојбите во нашата земја, но и во медиумската сфера. И самите знаете дека долго време се трудевме по секоја цена да останеме печатен медиум, бидејќи искрено така останува трага, но времето е неумитно, а исто и потребите на читателите, па така моравме конечно да прифатиме нашето списание да го префрлиме на Интернет – велат од „Аквариус“.
Но, она што е значајно, е дека и понатаму остануваат месечно списание за филм. Значи, нема да бидат портал и да се стопат, како што велат, во сите оние бесконечни информации што секојдневно се нудат, туку остануваат списание кое ги одбира своите теми, кое работи авторски текстови, аналитични, ангажирани, објективни и критични. Покривајќи сè што покривале и досега.
-Пред вас е 61. издание, кое главно останува верно на нашиот стил, само што ќе можете да го разгледувате дигитално. Предноста е што не можете да пропуштите да го купите бројот, предноста е што можете да читате и да се навратите колку пати сакате, и тоа не само на новиот број, туку на нашата веб-страница ќе бидат поставени сите изданија на ФИЛМ+, па тоа е уште една огромна можност – додаваат од „Аквариус“.
Оттаму најавија и уште една новина, а тоа е дека дигиталните опции нудат можност да не се чека секогаш цел месец за да се објави напис за некој важен настан. На нивната страница, која нема да биде портал, ќе има и можност меѓу два броја да се објавуваат текстови за оние настани кои сметаат дека се важни и нема потреба да чекаат. Тоа нема да биде само информативно, ниту со дневна динамика, туку ќе го покриваат она што е значајно според своја проценка овде и во светот тогаш кога треба, а месечникот ќе го подготвуваат со истиот влог и љубов, како и до сега, со авторскиот пристап карактеристичен за нив, без никакво преземање од било каде и без копи пејст, додаваат од „Аквариус“.
До онлајн изданието на ФИЛМ+ може да пристапите тука или на следната адреса https://filmplus.mk/.
Почнува дигиталната авантура на ФИЛМ+
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!