понеделник, ноември 18, 2024
домаКујнаПочнува фестивалот „КинеНова“

Почнува фестивалот „КинеНова“

„КинеНова“ денеска го претстави своето четврто издание со седум филмови во официјалната селекција од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите, надополнети со неколку возбудливи споредни програми. Интернационалниот фестивал на дебитантски филмови ќе почне на 4, а ќе трае до 13 октомври.

-Многу ни се допаѓа што токму балканската кинематографија во последниве години е таа која дава некои од највозбудливите авторски имиња, а меѓу нив рамноправно фигурираат и почетниците, оние со прв или втор авторски филм зад себе. Токму таквата ситуација и го детерминираше нашиот избор фокусот во официјалната селекција да биде ставен токму на неколку нови и свежи во својот пристап балкански филмски остварувања, кои веќе зад себе имаат и неколку фестивалски награди. Од ценетата грчка кинематографија ни доаѓа филмот „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос. Потентната бугарска кинематографија ни го „подарува“ неверојатниот филм „Прасето“ на храбриот Драгомир Шолев, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филсмката уметност, вели Игор Анѓелков програмски селектор во воведниот текст во каталогот.

По минатогодишниот апсолутен „КинеНова“ победник „Блискост“ на Kантемир Балагов, руското ново кино годинава на фестивалот достојно ќе го претставува прекрасниот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов. Од секогаш возбудливата јужноамериканска кинематографија, од Бразил ни доаѓа симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, а за жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција, годинава имаме и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата.

Покрај овие седум исклучителни остварувања во трка за наградите, продолжуваме со претставување на возбудливи автори од современата турска кинематографија, па годинава наша и Ваша гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу, потоа, тука се и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „…Петрунија“ и „Медена земја“, како и пост-фестум проекциите на современата унгарска кинематографија, кои не смеете да ги пропуштите. Секако, да не ги заборавиме и филмот на отворање, „Таткото“, актуелниот победник на фестивалот во Карлови вари летово, како и специјалната проекција на контраверзниот „Путиновите сведоци“ на Витали Мански, минатогодишен победник на истиот фестивал во документарната секција.

-Го имаме програмски најквалитетното и најиздржано фестивалско издание оваа година. Но она што посебно избликнува од оваа програма е токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност. Во тој контекст имаме храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите. Ова сето значи дека Киненова МФФ не отстапува ни милиметар од својата авангардна патека. Ја повикувам публиката да ја истражи Киненова 2019 и да се припреми за вистински филмски изненадувања – смета директорот на Киненова Небојша Јовановиќ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ