Лошиот резултат на владејачката коалиција во Баварија и Хесен може да доведе до промени во партиите на власт. Германската канцеларка Ангела Меркел им кажа на лидерите на својата Христијанско-демократската унија (ЦДУ) дека нема да се кандидира повторно за претседател на партијата на изборната конференција на почетокот на декември, пренесува Ројтерс повикувајќи се на извор од ЦДУ.
Агенцијата потсетува дека Меркел е на чело на демохристијаните од 2000 година и оценува дека нејзиното откажување од претседателската функција ќе ја започне трката за наследник и на местото германски канцелар.
Блумберг јави дека веднаш по објавувањето на оваа вест во Берлин е забележан пад на еврото на берзата.
Германските новински агенции тврдат дека Меркел по овој изборен период, кој завршува во 2021 година, веќе нема да се кандидира за пратеник во Бундестагот, што исто така ја исклучува можноста да биде избрана за канцеларка.
Гласачите, по Баварија, ги казнија ЦДУ и нивните коалициски партнери и на вчерашните избори во Хесен, поради повеќемесечните меѓусебни судири.
ЦДУ во неделата освои 27,9 отсто гласови во Хесен, што е за 10 отсто помалку отколку на изборите пред пет години.
По изборите во Баварија пред две недели каде партиите на владејачката коалиција претрпеа огромни загуби, се очекува по изборите во Хесен да дојде до промени во партиите од владејачката коалиција.
Ројтерс денес, повикувајќи се на конзервативни извори, објави дека поранешниот лидер на пратеничката група на ЦДУ и баварската сестринска партија на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Фридрих Мерц е подготвен да се кандидира за претседател на ЦДУ.