вторник, декември 3, 2024
домаПоетско читање од истакнати поети - членови на Македонскиот П.Е.Н центар и...

Поетско читање од истакнати поети – членови на Македонскиот П.Е.Н центар и ДПМ по повод Светскиот ден на поезијата

Во МАНУ денес се одржа поетското читање со кое традиционално се одбележува 21 март — Светскиот ден на поезијата. Ова поетско читање е заедничко чествување од страна на Македонскиот П.Е.Н. центар и Друштвото на писателите на Македонија. Најпрвин, Поетското послание за 2022 година го прочита нашиот истакнат поет Никола Маџиров, а потоа следеше настапот на истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н. Центар и Друштвото на писателите на Македонија. Помеѓу поединечните настапи на поетите, се прочитаа и пет песни од украински поети, како гест на поддршка за запирање на сите воени дејствија и враќање на мирот во Украина.

Учесници на годинашново поетско читање беа: Катица Ќулафкова, Димитар Башевски, Виолета Танчева-Златева, Веле Смилевски, Дeлвинa Крлуку, Зоран Анчевски, Иван Џепароски, Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски, Јовица Ивановски, Сузана В. Спасовска, Тихомир Јанчовски, Никола Маџиров и Влада Урошевиќ.

Во Поетското послание, поетот Никола Маџиров истакна:

“Поетот е археолог на незакопаното. Треперлив лист на семејните стебла. Поетот е сомнежлив сведок кон секоја непроменлива стварност. Нема подобра слика за односот на поезијата и идеологијата од зборовите на Киш кој вели дека поезијата е сомнеж, а идеологијата отсуство на сомнеж. Идеологијата е отсуство на личното време и како таква стои на другата страна од животот. Таа е смрт пред умирањето. Единствено нешто што може да понуди се споменици на лидерите, под чии бронзени сенки се среќаваат љубовници кои не го познаваат ужасот на историјата и војните. Водачите на војни се плашат од метафората, од мистичниот живот на зборот, затоа што тие се конструктори на апсолутната семантика на животот. Тие ја изедначуваат стварноста, а симетријата останува нивниот јазик на моќта: на празничните паради, на воените гробишта — сè е симетрично мртво, доволно за да се униформира и стравот, да се издвои само вината како животен елемент на распознавање. Со секој пад на идеологиите, поетите кои биле на листите за читање во учебниците се прогласуваат или за државни непријатели или за класици, а тоа значи само едно: никој не ги чита повеќе. Поезијата останува како пукнатина во ѕидот на извесноста. Скулптура од гласови која не сака плоштади и алеи.”

Поетското читање по повод Светскиот ден на поезијата годинава се надоврза на свеченото прогласување на лауреатите на СВП во МАНУ. Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава, а добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра меѓународна дебитантска поетска книга е италијанскиот поет, Џерардо Мазучо.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ