сабота, ноември 16, 2024
домаКолумниПолитички поставувања без професионален бекграунд: Пат кон пропаст

Политички поставувања без професионален бекграунд: Пат кон пропаст

Пишува:Наташа Доковска

Во изминатите години, сведоци сме на тренд кој не само што ја дестабилизира работата на јавните институции, туку и директно влијае врз квалитетот на животот на сите граѓани – поставувањето на директори по партиска линија, без соодветна стручност или искуство во областите кои им се доверуваат.

Последниот случај со назначувањето на Ивана Гиновска за директор на Државниот инспекторат за животна средина е пример кој ги потврдува нашите најголеми стравови. Како може некој кој претходно бил директор на Јавното претпријатие за паркинг услуги во Куманово, а работела и како о банкарски службеник, па во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово да води една од најважните институции која има директен импакт врз животната средина? Институција која треба да биде еден од клучните играчи во заштитата на природните ресурси, во време кога земјата е под постојан надзор од страна на меѓународната заедница заради огромните предизвици со загадувањето и еколошките катастрофи.

Досегашниот директор, иако можеби не идеален, барем зад себе остави сработено – одредени процеси и иницијативи кои макотрпно го поттикнуваа еколошкото свеснување и регулацијата на индустриите кои ги загрозуваат природните ресурси. Но, со вакви “копи паст” практики, како што претходно ветуваше и самиот премиер Максим дека ќе ги искорени, се враќаме чекори наназад.

Сите ветувања за професионализација и реформирање на јавната администрација се заборавени во моментот кога политичките интереси и клиентелизмот ја преземаат контролата. За жал, на овој начин не се гради држава. Напротив, се руши довербата во институциите и се демотивираат оние кои вистински сакаат да работат за подобрување на нашата животна средина. Како држава, не можеме да си дозволиме ваков аматеризам во клучни сектори, особено не во време кога светот е се’ пофокусиран на климатските промени и одржливоста на природните ресурси.

Токму поради ова, мора да се постават јасни критериуми и механизми за избор на раководни кадри – базирани на стручност, искуство и етика, а не на партиска припадност и лични интереси. Секоја друга практика е пат кон пропаст и уште едно промашување на важната цел – заштита на нашата животна средина и обезбедување на подобра иднина за следните генерации.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ