четврток, декември 19, 2024
домаПоради дојава за бомба евакуирана болница во Москва каде лежат жртвите од...

Поради дојава за бомба евакуирана болница во Москва каде лежат жртвите од терористичкиот напад

Поради дојава за бомба околу 700 луѓе се евакуирани од делот на болницата во Москва каде се лекуваат жртвите од терористичкиот напад во тој град, пишуваат руските медиуми.

Како што пренесува Н1, канали на „Телеграм“ блиски до руските безбедносни органи објавија дека Националниот медицинско-хируршки центар Пирогов бил известен за заканата од бомба. Ова за „РИА Новости“ го потврди директорот на болницата Олег Карпов.

„Евакуацијата е завршена, пациентите и персоналот се преместени на безбедно растојание. Специјалните служби се на терен“, рече тој.

Карпов појасни дека евакуацијата била во консултативен дијагностички центар каде нема пациенти. Жртвите од трговскиот центар „Крокус“, каде што се случи терористичкиот напад, се во друга зграда, нагласи тој.

Во терористичкиот напад врз салата Крокус Сити хол кој се случи на 22 март пред концертот на групата „Пикник“, беа убиени 137 лица, а над 180 беа ранети, кога луѓе во маскирни униформи влегле во зградата, почнале да пукаат и ја запалиле салата. Како резултат на тоа, избувнал пожар на површина од речиси 13 илјади квадратни метри. Водачот на терористите кои се осомничени дека го извршија масакрот во Москва, Далерион Мирзојев, кој управувал со автомобилот Рено при обидот за бегство удрил дете во близина на концертната сала, кое завршило на интензивна нега.

По терористичкиот напад автомобилот бил ставен на барана листа. Пронајден е во регионот Брјанск. Според руските власти, терористите се обидувале да влезат на територијата на Украина. Набрзо биле уапсени и сите биле приведени до 22 мај. Покрај четворицата директни извршители на терористичкиот напад, приведени се уште седум лица. Тие се соочуваат со доживотен затвор.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ