Посета на Република Австрија фокусирана на добри практики на социјални услуги на локално ниво

0
71

Во периодот од 23ти до 26ти Jануари претставници на нашата држава беа во посета на Република Австријa во рамките на транснационалниот проект “еHelp Северна Македонија – Подобрување на пристапот до социјални услуги преку дигитализација и вмрежување” спроведуван од 3 австриски регионални ЛЕАДЕР организации: Regionalmanagement regio³ (Pillerseetal-Leukental-Leogang aus Tirol) претставуван од г-н Стефан Ниедермосер, Leader Region FUMO (Fuschlseeregion Mondseeland) претставуван од г-ѓа Јулиа Сориат и Zeitkultur Oststeirisches Kernland преставувана од Барбара Штумпф и Волфанг Бергер во соработка со Мрежата на ЛАГОВИ од нашата држава со финансиска поддршка на Сојузното австриско министерство за социјални политки, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
Во рамките на посетата македонските претставници – Ресми Ејупи, Државен секретар од Министерството за труд и социјална политика, Анкица Иваноски и Александра Славковска -претставници од одделот за билатерална соработка и ЕУ интеграции при МТСП, Борче Јовчески – градоначалник на општина Прилеп, Николче Мискоски – градоначалник на општина Кривогаштани, Дејан Тошески – директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп, Благица Димитровска – претставник на ГО Инклузива како и координаторот на проектот Марина Тошеска, Мрежа на ЛАГОВИ се запознаа со социјалниот систем на Австрија и добрите практики за воспоставување на квалитетни и одржливи социјални услуги на локално ниво.
Во Австриското социјално министерство беше остварена средба со г-н Харалд Фугер – Аташе на австриското социјално министерство во нашата држава, претставници од институцијата Социјален Фонд Виена, Директоратот за долгорочна нега и политики за лица со попреченост и Директоратот за Европски интернационални и социјални политики при Австриското социјално министерство кои презентираа дел од социјалните политики на Австрија во областа на нега за стари лица и лица со попреченост, социјални услуги за лица со попреченост, како и Европската гаранција за деца и Австрискиот национален акциски план за гаранција за деца.
Во Виена беше остварена посета на Виен Ворк – едно од најголемите интегративни и социјални претпријатија во Австрија кое веќе триесет години континуирано делува за инклузија на лицата со попреченост преку обезбедување на обука и работа за лицата со попреченост.

Освен во Виена, беа посетени институции/организации даватели на социјални услуги во Регионот на Салцбург, како Педагошкиот центар Mondsee кој обезбедува образование за деца со попреченост, потоа Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Мондзее кој обезбедува поддржано домување и Каритас кои се даватели на услуги за помош и нега во домот за стари лица.
Во општина Талгау, беше остварена средба со претставници на “Thalgau Mobil” каде заменик-градоначалничката Lisa Maria Frenkenberger ја претстави социјалната услуга за мобилност на старите лица во руралните области. Воедно, беше посетена продавницата за промоција на регионални производи “d’Kramerin” која ги промовира производителите во регионот.
Во Салцбург, здружението Lebenshilfe Salzburg ја презентираше услугата персонална асистенција и беше посетен дневниот центар за лица со попреченост. Дополнително, беше посетен центарот Haus Elisabeth кој претставува дневен и социјален центар за советување за лица кои живеат во сиромаштија, а воедно обезбедува домување за жени-бездомници. Во областа на младинско вработување беше посетен Carla velorep Upcycle your bicycle – проект за вработување на млади лица кој бележи значајни резултати за младинско вработување преку зајакнување на практичните вештини на младите за поправка на велосипеди, а воедно и зајакнување на конкурентноста на младите на пазарот на труд.
Социјални услуги за професионална рехабилитација и работна асистенција беа презентирани од претставници на BBRZ Центар за стручно образование и рехабилитација кои обезбедуваат социјални услуги за лица со попреченост и здравствени проблеми во нивните центри во 133 населени места, фокусирајќи се на промовирање на индивидуалниот пристап за вклучување на лицата на пазарот на труд согласно нивните компетенции и наклонетости.
Посетата се заврши со средба со г-н Освит Росоклија – Амбасадор на нашата држава во Виена и Финка Серафимова – претставник на амбасадата на која се разменија идеи и можности за зајакнување на билатералната соработка преку социјално и економско зајакнување на општините и градење на социо-економски одржливи заедници.
Република Австрија е една од водечките земји во Европа во областа на социјалната заштита и социјалните услуги, и посветено преку Министерството за социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачи обезбедува поддршка за нашата држава во реформите на социјалната заштита и воспоставување на социјални услуги преку плурализам во социјална заштита, инклузија, децентрализација и деинституционализација.
Искуството и добрите практики од Република Австрија од студиската посета се поддршка во создавање на ефективен и ефикасен социјален модел на социјална заштита и локални социјални услуги кои ги обединуваат сите чинители да се да се вклучат во градењето на социо-економски одржливи заедници во нашата држава.

Подготви: Н.Д.