Прага сака пристојни туристи: воведени нови ограничувања

0
16

Со цел да се намали бучавата и да се зачува јавниот ред, градските власти во Прага забранија ноќни тури по барови, кои досега беа дел од стандардната понуда на туристичките агенции.

Градските советници одлучија да го укинат организираното обиколување на барови, бидејќи Прага сака да привлече пристојни туристи, со цел локалното население да може да живее нормално. Градот, со население од околу 1,3 милиони жители, долго време беше популарна дестинација за гласни забави на туристи, најчесто од Обединетото Кралство.

Од сега, организирани тури нема да бидат дозволени помеѓу 22 часот и 6 часот наутро. Овие тури со години беа главен адут на туристичките агенции, бидејќи во многу ресторани пивото сè уште е поевтино од водата.

Културни туристи наместо масовен туризам
Градоначалникот на Прага изјави дека посетителите се и понатаму добредојдени, но нема да им биде дозволено да се собираат во големи групи за излегувања во пабови. Оваа одлука е донесена со цел Прага да избегне капаните на масовниот туризам и да привлече културни и поквалитетни туристи.

Чешка е позната како дестинација каде што се пие најмногу пиво. Во 2023 година, просечно се испиле 128 литри пиво по глава на жител.

Прага останува омилена дестинација, но сега се фокусира на одржлив туризам и зачувување на својот автентичен шарм.

Ф.С.