Празните улици на градот убав

0
258

Пишува: Филип Спировски

Ми мафта со рака и ми клима со глава женски лик завиен со болничка маска. Кратко климнав и продолжив да тарашкам по полуполните (оптимист сум) рафтови. Во мислите се смеев на женската интелигенција, која со маска преку уста и нос очекува да ја препознаам. А јас кутриот имам самододелена деменција за полесно да се справам со животот; уште ковид ми требаше и комплетно да се вклопам во поздравување под маски.

Токму улиците без автомобили и без луѓе ми се вистински предизвик за прошетка. За жал во друга прилика, поубава и поздрава ќе уживам низ нив. Но, шанса да се исчистат од ѓубре и да се санираат од дупки има како никогаш досега. Градежниците гледам не се во групата која може да работи од дома. И комуналците не би требало да се во таа група. Затоа сите кои кликаат по компјутер се „среќните добитници“ во борбата против вирусот: може да работат и од дрво во дворот на викендичките. Им предлагам (слушам и Макрон исто размислувал) да останат таму и да не трујат ниту по улиците, ниту на работните места, а за тоалет хартија за дома и за поефтин интернет ќе се најде некоја хонорарна работа.

Бенефитите од интензивното лежење дома се неколку: се зближуваш со најмилите, дознаваш до кај е со материјалот ученикот во основно, разбираш за љубовните проблеми на средношколецот и конечно студентот ќе се покаже во најдобро светло дома за што го бива најмногу – окулу фрижидерот или на креветот… Во однос на брачниот партнер ете шанса да разбереш во која фиока за чевли отишле вишоците од последните плати и к-15. Тоа што се јаде прекумерно не е страшно, но тоа што станавме соло дринкери е за грижа. Не е финта со жената да наздравиш пред ручек. Тоа од страна изгледа како пиење „од мака“. Среќа што се ближат Велигденските празници па оправданоста за по една пред ручек е голема. А поповите непоправливи – не ја повикаа паствата да седи дома, многу им биле мили донациите од кои живаале. Господ на помош! Нека се замислат во ерата на интернет да не им стане и црквата онлајн.

Се си мислам дека ќе се унапредиме во однос на онлајн купувањето. Иако е многу смешно како го прават тоа со количките сега, има надеж дека на новите претприемачи ќе им текне дека треба од магацин, а не од рафт да ја прават дистрибуцијата. Точно е дека тогаш ќе се постави прашањето за провизијата, ама и тоа е решливо. Иднината на купувањето е во тој правец.

После онлајн купување ќе ни остане повеќе време за прошетки и активен одмор. Само да помине бељата. И Водно и Матка и Охрид и Дојран ќе ги „наполниме“ со гости. Грција ќе ни прости. Ланскиот одмор што „по нашата математика“ ни следува во јуни ќе мора да го искористиме за домашен карантин. А и отварањето на границите за шетање по соседството е неизвесно. Кога сме веќе кај шетањето би сакал да разберам од онаа симпатична министерка за финансии колку пари заштедивме во март и април (а можеби и мај) што не одиме во Бугарија на бања и во Грција на риба? Тоа институцијата за Статистика не е способна да го пресмета, а уште помалку да го соопшти. Тие се фокусирани на пописот кој патем ќе биде „променлива варијабла“ за потребите на буџетот и на политиката која никако да фати вирус!

Велат треба да изгубиш нешто за да разбереш колку многу ти значело. Така се осеќам за „матното“ во Лонг Плеј и ги охрабрувам сите да останат дома за да помине побргу пандемијата која не разболе, но и ни покажа за вистинските вредности во нас.