Предавање на Лиза Нојберг, уметничка од Малме, ќе се одржи денеска, 26 октомври, со почеток во 20 часот во Кино салата на Музејот на современата уметност во Скопје. Влезот е слободен за сите посетители.
Гостувањето на Нојберг е дел од годишната програма на Проектниот простор Прес ту егзит со наслов „Недисциплинирани форми на знаење“ во рамките на серијата „Предавања, презентации и изложби“ и Меѓународниот симпозиум „Кураторска размени 7: Курирање урбани заедници“.
Лиза Нојберг ги истражува радикалните можности за педагогија и перформанси преку процеси кои вклучуваат колективни, утописки, трансгресивни, пресечни и критични практики. Работата на Нojберг е во форма на самоорганизирани простори, институционални процеси, работилници, предавања, изведби, видеа, книги и звучни дела.
Од 2014 година Нојберг е докторски кандидат на PhD-in-Practice програмата при Академијата за ликовни уметности во Виена, со истражувачки проект кој има за цел да артикулира уметничка методологија поставена во границите помеѓу перформансот и педагогијата.
Таа, исто така, редовно предава во уметничките училишта и академии во нордиските земји меѓу кои се вбројуваат The Danish National School of Performing Arts, Konstfack, Valand Art Academy, Malmö University и други. Во моментов е водечки професор и координатор на Malmö Konstverkstad, а повремено работи како лице за развој на проекти во Folkrörelsernas Konstfrämjande.
Своите дела ги изложувала во Konsthall C, Trondheim Art Biennial, Signal – Center for Contemporary Art, Röda Sten, Den Frie Udstillingsbygning, Dunkers Kulturhus, Liljevalchs Konsthall, Gothenburg Art Museum, Rooseum. Таа е добитничка на Едногодишен работен грант доделен од страна на Swedish Arts Grants Committee, студио за работа од IASPIS во Стокхолм, како и грантот за уметнички развој од Malmö City Grant.
Програмите на Проектниот простор „Прес ту егзит“ се организирани во партнерство со Музејот на современата уметност Скопје и Контрапункт, Скопје, а поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.