Предновогодишна магија во Будимпешта: Шепотот на Дунав и светлата на градот

0
15

Пишува: Наташа Доковска

Будимпешта во декември е како сцена од зимска бајка. Градот, кој инаку пулсира со својата историја и култура, станува вистинско празнично чудо. Со приближувањето на новата година, атмосферата се менува – како ветување за нешто ново, нешто магично.

Од првиот чекор по калдрмисаните улици на Ваци, туристичката артерија на градот, чувствуваш дека влегуваш во еден свет што се потпира на убавината на традицијата. Тука се тезгите на Божиќниот пазар – украсени со дрвени орнаменти, светки и мала магија. Секој штанд нуди дел од приказната на Унгарија – од топли лангоши со павлака и сирење до медени срца, украсени со пораки на љубов и надеж.

На аголот, група улични музичари ја засилуваат празничната атмосфера со виолини, акордеони и хармоника. Љубовта на публиката е толку очигледна што една млада девојка, понесена од ритамот, започнува да танцува под светлината на лампионите. Децата околу неа плескаат со рачињата, како да сакаат да го уловат моментот и да го заклучат во срцето засекогаш.

Во близина на базиликата Свети Стефан, огромно лизгалиште привлекува и млади и стари. Гласно смеење одекнува кога млад пар, облечен во дебели волнени шалови, паѓа на мразот, само за повторно да се исправи, држејќи се за рака. Секој поглед е насочен кон небесата, каде што шарените украси надвиснуваат како звезди, додека огромното божиќно дрво блеска како центар на празничниот универзум.

Најсилен впечаток остава рефлексијата што се оцртава во водите на Дунав. Оние што шетаат покрај реката гледаат како нејзината површина го одразува светлото на мостовите и палатите. Човек лесно може да се изгуби во оваа сцена – како и во топлината на топлото вино што се продава од малите дрвени кабини на шеталиштето. „Зимата е ладна, но срцето на Будимпешта никогаш не е,“ вели еден продавач, туркајќи пар чоколадни крофни кон младо семејство.

Во ресторанот под Сенчениот мост, семејства се собираат за последните вечери во годината. Менито е богато – гулаш, паштети од патка и познатите штрудли со ореви и мак. Тука, разговорите се мешаат со звуците на пијаното. Гостите разменуваат желби за среќа, додека келнерите ги слушаат нивните приказни како да се дел од нив.

Ноќта кулминира на Рибарската тврдина, еден од најромантичните погледи на градот. Со шолја топло какао во рака, посетителите го гледаат хоризонтот облеан во светлината на стотиците украси и рефлексии на Дунав. Тука, на ова свето место на љубовта и историјата, луѓето стојат во тишина, како да ја поздравуваат годината што си заминува и онаа што доаѓа.

Будимпешта е прекрасна секогаш и се наоѓа на мапата на туристички атракција,но облечена во новогодишна бајка е уште поинспиративна и вредна да се посети.