Претставата со сенки „Алиса и чудата“, вечерва, 18 декември, со почеток од 19:30 часот, ќе биде премиерно изведена на сцената „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Овој најнов спектакл на Театарот „Сенки и облаци“ ја разгледува темата за постоењето на времето како можеби единствениот репер за допир со реалноста. Алиса на своето патување во земјата на чудата среќава разни ликови, секој од нив со свои длабоки верувања за тоа што претставува времето, а кои единственото нешто што ги поврзува е состојбата на истовремен хаос и статус кво.
Преку уникатното визуелно изразување со помош на сенките, светлината и белото платно, оваа претстава си поигрува со фантазијата на публиката, притоа, не заборавајќи да потенцира дека сите ние заеднички ја делиме одговорноста за времето да почне да се движи и часовникот најпосле да проработи. „Колку е часот? Предмалку беше 6, a сега е повторно 6. Засекогаш 6.
Колку трае засекогаш? Толку нешта се случуваат, а ништо не се променило“, велат Зајакот и Гасеницата.
Вечерашната премиера на претставата „Алиса и чудата“ ќе биде изведена во рамките на овогодинешното издание на Фестивалот „Сонот на облачето“. Театарот на сенки „Сенки и облаци“ од Скопје е пионер во оваа театарска форма кај нас и повеќе од 10 години создава претстави со сенки, изведувани на интернационални фестивали и локални културни настани. Од оваа сезона, публиката може да погледне дел од нивниот репертоар и во камерната театарска сцена во Дебар маало. „Сенки и облаци“ се и организатори на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, кој годинава го има своето 6-то издание.
Билетите за претставата „Алиса и чудата“ се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.