сабота, јули 27, 2024
домаКујнаПремиерата на МНТ „Мама Миа!“ ќе не распее предновогодишно

Премиерата на МНТ „Мама Миа!“ ќе не распее предновогодишно

МНТ со песна ќе ја заокружи 2017 година, со распродадена премиера на 24 декември и три изведби на 26, 28 и 29 декември на светскиот спектакл „Мама Миа!“. Копродукцијата на МНТ со словенечката компанија „Проспот“која ги поседува ексклузивните права за мјузиклот во регионов, е емотивна весела, дискаџиска претстава која расположува и лачи еднорфин, рече на пресот режисерката Наташа Поплавска, посочувајќи дека за рекордни два месеци се подготвил гигантскиот проект  од 180 минути игра, песна и глума за кој на кастинг се пријавиле 178 актери, пејачи и танчери, покрај тие од МНТ, селектирани во 3 круга аудиции.

Над 30 актери во мјузиклот ги пеат на македонски песните на шведската група АББА од 70-80-тите, освен евровизиската „Ватерло“ која е во оригинал и за крај на претставата во препев на Тина Трпкоска. Приказната е позната и прикажана на филм – тинејџерка во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на АББА (музика на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус) по текст на Кетрин Џонсон.

-Со „Чикаго“ ја отворивме историјата на мјузиклите во Македонија, сега продолжуваме со „Мама миа“. Ова за мене е подарок од Бродвеј. Не можам да опишам колку бев среќна кога продуцентот од Словенија ми се јави половина час пред премиера во Прилеп, да ми понуди да ја работам „Мама миа“. Се надевам дека сите ќе пеете, спремајте ги „Мама Миа“, „Ватерлу“, „Денсинг квин“, порача режисерката Наташа Поплавска, најавувајќи ја комичната приказна за тинејџерката која е во потрага по својот татко на еден грчки островски рај.

Поплавска, која пред две години во МНТ го постави и бродвејскиот мјузикл „Чикаго“,  и овојпат соработува со кореографката Олга Панго и со диригентката Бисера Чадловска, но како што вели, покрај 30-ина луѓе на сцена, под сцената, зад сцена, зад гледалиштето и во гардеробите има уште по десетина кои публиката нема да ги види. Таа за макотрпната работа посебно е благодарна на извршниот продуцент Симона Угриновска, личност која никој не ја гледа, но имала макотрпна задача два месеци процесот да се одвива без пречки на линија Македонија-Словенија.

-Тука се и четворица шминкери и ако ги наброиме сите што се вклучени ќе дојдеме до повеќе од сто луѓе кои работат само за една изведба на „Мама миа!“. Среќна сум што ние имаме театар што знае да се справува со ваков гигант – рече Поплавска, посочувајќи дека овој мјузикл има и втор каст на главните улоги: Нина Деан и Јана Стојановска за улогата на Софи Шеридан, Кире Ѓоревски и Висар Вишка за ликот на Сем и Никола Наковски и Петар Стојанов за улогата на Скај.

Сите актери на пресот го делат ставот дека мјузиклот е форма која е тешка оти бара истовремено играње, пеење и глумење, усогласеност со оркестарот, и сите  под водство на диригент Бисера Чадловска. Придружни вокали се корепетиторките од ФМУ Сара Николовска и Ана Костадиновска, кои ги подучувале во пеењето, а танцувањето го усовршувале под будното око на Олга Панго и асистентката Ирена Лозинска.

– Оваа улога е мојот сон. Чекав да се случи вакво нешто и максимално да ги истражам моите можности. Не беше воопшто лесно, бидејќи во исто време се игра, пее и глуми, се зема воздух, се мисли на движењата на телото, се внимава да не се згреши кореографијата и тоналитетот и сето тоа да се донесе во некое совршенство на сцена – рече Нина Деан, која со Јана Стојановска ја игра истата улога на Софи Шеридан.

Овој мјузикл е симбиоза на повеќе уметности вклопени во едно, посочи Стојановска, додавајќи дека овој проект и бил извонредно училиште.

Билјана Драгичевиќ-Пројковска која ја игра мајката Дона, најави изненадувања на сцена. Таа заедно со Тања Кочовска, односно Рози, нејзина пријателка во претставата, отпеаја рефрен од „Денсинг квин“.

– Посебното во овој процес на подготовка, кој на моменти беше и турбулентен е што во моментите кога ќе паднеше енергијата, музиката на АББА ја креваше атмосферата, рече актерот Владимир Јачев, кој игра еден потенцијалните татковци (Хари). Двајцата други „татковци“ во претставата ги играат Трајче Ѓорѓиев (Бил) и Кире Ѓоревски/Висар Вишка (Сем).

В.д директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац истакна дека во цел театар одекнувале звуци од „Мама миа“. Тој посочи дека постои идеја за македонски мјузикл со песни од македонски композитори, љубовна приказна која би ја подготвиле за почетокот на 2019 година. За следната година тој ги најави и проектите „Змеј“ на Нела Витошевиќ, „Прашина/Духот кој оди“ на Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, „Галеб“ на Нина Николиќ, и претстава на Иван Поповски кон крајот на годината – можеби „Убавицата и ѕверот“. За март е предвидено италијанскиот режисер Паоло Маџели да работи дело на Тургењев.

„Мама Миа!“ ќе се игра и во јануари 2018, и тоа на 12,13 и 23, за сите оние кои не набавија билети за декемвриските изведби. Во МНТ дочекот на Нова година на 31 декември е планиран со настап на неколку македонски бендови и стендап на Сашко Коцев.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ