Првата драмска премиера на годинешното „Охридско лето“ ќе биде изведена утревечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Се работи за театарската претстава „Едвард Втори“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, а во копродукциска изведба на НУЦК Театар „Јордан Х.К.Џинот“ од Велес и Драмски театар „Масалтинов“ од Пловдив, Бугарија.
Драмската селекторка на фестивалот Сања Арсовска на денешната прес-конференција по повод премиерата истакна дека станува збор за исклучително добар проект работен од еден од најдобрите режисери, но и професионална авторска и актерска екипа.
-Во оваа претстава е ставен акцент на односот помеѓу таткото и синот, на ефектите од отсуството на мајката, луксузот и моќта, потребите од стапувањето во брак и формирањето семејство, менувањето на сексуалната ориентација и сето она коешто нам ни изгледа актуелно и нормално од една страна, а од друга страна нѐ скокотка и нѐ тера да ја вадиме есенцијата од ваквите појави и процеси, појасни селекторката Арсовска.
Директорот на Велешкиот театар „Јордан Х.К. Џинот“, Сашо Димоски, рече дека е големо задоволството што фестивалот „Охридско лето“ ја угости премиерата на која макотрпно се работело два месеци.
– Станува збор за претстава со исклучително вредна авторка и актерска екипа, продукција помеѓу Велешкиот театар и Театарот Масалитинов од Пловдив, Бугарија.Макотрпно работевме цели два месеци во услови и на начини кои ги надминуваат рамките на она што досега за мене било поимање на создавањето театарски претстави, преку еден навистина интензивен, многу жесток процес преку кој стигнуваме до завршен резултат поразличен од сето она што нашиот театар досега го продуцирал пред сѐ, кажа директорот Димоски.
Костимографи на претставата „Едвард Втори“ се Грузиецот Симон Мачабели и извонредниот македонски костимограф Раде Василев.
-Ми претставува големо задоволство да соработувам со целокупната актерска екипа и со режисерот Жолдак, како и со сите луѓе овде кои ми помогнаа во остварувањето на овој проект кој навистина беше многу поразличен и со поинаков концепт. Андриј Жолдак е нетрадиционален режисер и има свој начин на правење на костимите. Многу размислувавме за костимите и концептот како сето тоа ќе се одвива, меѓутоа, на крајот сето тоа испадна некако спонтано. Костимите произлегоа од самите проби во кои Андреј ги одобри, раскажа Мачабели.
Главната женска улога која воедно е и перспектива од која се гради целата претстава и која наедно е и главниот лик во драмското дејство ѝ е доделена на Јована Миладинова која дебитира на театарските штици токму со оваа улога.
-Беше напорно, но ова е едно прекрасно искуство кое знам дека нема да го заборавам до крајот на мојот живот. Јас и режисерот Андриј воспоставивме една многу искрена врска, врска на доверба како актер и режисер. Тој секогаш ни вели дека најважна е довербата помеѓу актерот и режисерот, рече младата актерка Миладинова.
Улогата на главниот лик, Едвард Втори, е поделена на две улоги кои истовремено ги реализираат двајца актери во истоимената претстава. Како што беше речено на денешната прес-конференција, не се работи за алтернација, туку поимање на два стратуми на едно битие преку две различни експресии во самата изведба на претставата.
-Сметам дека ова ми беше најголемото искуство во мојата актерска кариера. За мене предизвик е што во претставата морам да зборувам на македонски јазик, но благодарение на директорот на Велешкиот театар Сашо Димоски кој многу ми помага, се надевам дека добро ќе се справам со улогата. Многу интересен процес, сите знаеме каков режисер е Андриј Жолдак, многу сум среќен што работам со ваква врвна екипа на која човечноста ѝ е на прво место, истакна бугарскиот актер Борис Крстев од пловдискиот театар „Масалитинов“ кого публиката ќе го види во улогата на Едвард Втори.
-Режисерот Жолдак ни дава најдобар пример за тоа како треба да се однесуваме кон театарот и како треба да си ја сфатиме работата сериозно, како да се носиме надвор од сцена. Не научи на професионализам и мислам дека е репер којшто ние младите треба да го следиме за да создаваме уметност и театар, кажа Илин Јованоски кој исто така ќе го игра Едвард Втори.
Главната негативна машка улога во претставата му е доделена на Бранко Михајловски.
-Пробите за оваа претстава беа многу интензивни и тешки во смисла на уметничкиот дел. Кога сме на сцена и кога работиме, едноставно заборавам на сѐ, го пуштам срцето и му дозволувам на Андриј да нѐ води, рече Михајловски.
По премиерната изведба на „Охридско лето“, театарската претстава „Едвард Втори“ во септември ќе се игра на матичната сцена на Велешкиот театар, а потоа и во Пловдив, Бугарија.
Премиерна изведба на претставата „Едвард Втори“ на „Охридско лето“
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!