понеделник, декември 23, 2024
домаЖивотПреспанско Езеро: Изложено на Еколошки Геноцид

Преспанско Езеро: Изложено на Еколошки Геноцид

Пишува: Наташа Доковска

Професорот Дејан Трајковски од Технички Факултет – Битола (ТФБ) неодамна алармира на својот фејсбук профил за забрзаното исчезнување на едно од трите природни езера во Северна Македонија. Некој ке рече- ништо ново! Да, не е ново, но дали да дозволиме тоа да ни се случи?! Овој алармантен извештај ги нагласува драматичните последици од сегашните практики и недоволната акција за зачувување на Преспанското Езеро. Додека сме сведоци на еколошкиот геноцид кој се случува пред нашите очи, игнорирањето на оваа криза претставува огромен ризик за иднината на регионот.

Во јули 2024 година, нивото на водата во Преспанското Езеро е пониско за цели 39 cm во споредба со истиот период лани. Оваа значителна разлика го надминува очекуваното намалување од 18-20 cm, според воспоставената динамика на намалувањето. Езерото, со површина од околу 258 квадратни километри, изгуби околу 100 милиони кубни метри вода за една година, од кои половината се непланирани загуби, што е значително повеќе од повеќегодишниот тренд.

Причините за оваа криза се комплексни. Недостатокот на снежни врнежи минатата зима значително придонесе за овој проблем. Покрај тоа, прекумерното исцрпување на водата за наводнување создава катастрофални последици. Оваа година, за прв пат, максимумот на нивото на водата не ја достигна горната линија на трендот, означена со овала на дијаграмот, што значи дополнителни 50 милиони кубни метри вода се неповратно изгубени.

Потеклото на Проблемот

Преспанското Езеро, со својот уникатен екосистем, е драгоцено природно богатство. Сепак, човечката небрежност и неодговорното управување со водните ресурси доведоа до оваа еколошка катастрофа. Исцрпувањето на водата за наводнување, неконтролираното користење на природните ресурси и недостатокот на ефикасни мерки за зачувување на езерото, ги ставија под закана не само флората и фауната, туку и животите на луѓето кои зависат од оваа вода.

Преспанското Езеро ја започнува летната сезона од многу ниска стартна позиција. До крајот на ноември, нивото на водата може да се спушти за дополнителни 55 cm, што би го донело езерото на нов стогодишен минимум, до кота -525 cm. Ако се реализира ова сценарио, пред се, поради отсуство на врнежи и сегашната загуба на вода, ланскиот минимум ќе биде пробиен за 30-35 cm.

Сите сме свесни дека станува збор за природна стихија која не можеме целосно да ја сопреме, но со итно запирање на исцрпувањето на водата за наводнување, можеме барем малку да го забавиме исчезнувањето на езерото пред нашите очи. Но, секако дека се потребни и други мерки, а во прв ред рестрикција на користењето на водата – ограничување на количеството вода кое се користи за наводнување и индустриски потреби. Неопходно е зголемување на ефикасноста на водните системи, односно воведување на технологии и практики кои ќе го намалат губењето на вода. На Преспанското езеро му е неопходна поддршка на истражувања и мониторинг, односно континуирано следење на нивото на водата и научни истражувања за подобро разбирање на екосистемот. Досегашните, очигледно не вродија со плод!!! И на рај, иако не помалку важно од другите, неопходна е континуирана едукација и свест, и тоа пред се едукација на локалното население и зголемување на свеста за значењето на зачувувањето на езерото.

Игнорирањето на оваа криза е еколошки геноцид, со огромни последици за биодиверзитетот, локалната економија и културното наследство. Време е да се преземат решителни мерки за спасување на Преспанското Езеро пред да биде предоцна. Секој ден кој поминува без акција значи нов чекор кон неизбежната загуба на едно од најзначајните природни богатства на нашата земја. За да се спречи оваа катастрофа, мораме да се обединиме во напорите за зачувување и заштита на Преспанското Езеро, пред да стане предоцна.

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

    ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ