Денес, на 8.2.2023 година, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945, Д-р Никола Стојановски, го прославува својот 100-ти роденден. Тој ја извршува функцијата претседател на Главен одбор на СБМ од НОАВМ 1941- 1945 и граѓаните продолжувачи веќе втор мандат.
Роден е 1923 година во с. Скачинци, Велешко. Завршил Медицински факултет во Белград, специјализирал педијатрија, а подоцна се стекнал и со титулата доктор по медицински науки. Речиси целиот работен век е педијатар и директор на Болницата во Велес. Ја извршувал функцијата пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија и бил претседавач на првата конститутивна седница на Собранието во 1991 година како најстар и угледен пратеник во тогашниот состав.
Д-р Никола Стојановски е одликуван со повеќе признанија за неговите несебични заложби за подобро утре на нашата држава, за борбата за слобода и независност и како успешен претседател на Сојузот на борци.
Претседателот Стојановски е учесник во НОБ и еден од ретките живи борци од Втората светска војна.
Неговата посветеност, упорност, храброст, мудрост и непоколебливост претставуваат гордост, инспирација и мотивација за сите членови на Сојузот на борците и продолжувачите.
Претседателот на Сојуз на борците д-р Никола Стојановски го слави 100-тиот роденден!
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!