Со театарската претстава „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ, во режија на Александар Поповски, а во изведба на актерите од Југословенскиот драмски театар од Белград, вчеравечер беше спуштена завесата на 64. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Временските прилики не дозволија претставата да се одигра на Античкиот театар, но сцената за кусо време беше префрлена во Ценатарот за култура „Григор Прличев“. Режисерот Александар Поповски ѝ се извини на публиката за оваа промена и се заблагодари за трпениетосо оглед на новонастанатата ситуација.
-Извинете за сè што поминавте. Знам дека не е едноставно да се чека, но Верувајте, направивме сè. Овде има една неверојатна екипа и од Белград, и од Македонија кои направија чудо да се преселиме за час и половина од горе, на Антички театар до долу во Центарот за култура. Два дена работеа на Антички за да биде претставата таму, но ете, небото сакаше да биде поинаку. Навистина е преубаво човек да види дека Охрид има публика за театар и за култура. Тоа е најубавата работа, рече Поповски пред почетокот на претставата.
Инаку, актерите од Југословенскиот драмски театар од Белград, Србија на сцената покажаа извонредна театарска игра. Драматичкиот текст на „Алиса во земјата на стравовите“ е инспириран од книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол.
-Тоа е едно патување низ потсвеста на една млада девојка која се сретнува со сите прашања, од вработување, успешност, љубов…и од нешто што за мене е трагедија, условно речено за младите луѓе, а тоа е штоако на 35 години не си успешен, тогаш е готово со тебе. Ако не направиш нешто до 35 години веќе не те бидува. Јас на 32 години уште немав завршено факултет. Тогаш времето се мереше на поинаков начин. Имавме време. Денеска децава ги учиме-нема време.Им го скратуваме времето и мислам дека тој феномен на притисок е многу интересна тема и мислам дека успеавме да ја раскажеме приказната за растегливост на времето, истакна режисерот Поповски.
Годинава, 64. Издание на фестивалот „Охридско лето“ донесе 36 настани од кои 25 концерти од областа на класичната музика, шест театарски претстави, по една изложба и промоција на книги, стенд-ап шоу, а во дополнителната програма се бараше карта повеќе за светскиот а наш виртуоз на гитара, Влатко Стефановски. Роденденот на фестивалот годинава беше одбележан со концерт на салса ансамблот „Меркадонегро“.