петок, декември 27, 2024
домаКујнаПретставен францускиот кинематографер Ерик Готје, на „Манаки“ амбасадорите на Шведска и Холандија

Претставен францускиот кинематографер Ерик Готје, на „Манаки“ амбасадорите на Шведска и Холандија

Ерик Готје, кинематографер од Франција, чиј филм „Пепелта е најчисто бело“ беше синоќа прикажан на „Браќа Манаки“ во конкуренција за „Златна камера 300“, денеска на средба со новинарите проговори за снимањето на филмот.

-Фестивалот „Браќа Манаки“ е мошне важен фестивал за кинематограферите. Филмот „Пепелта е најчисто бело“ е еден од моите најомилени филмови, истакна селекторот на фестивалот Благоја Куновски-Доре.

Ерик Готје е еден од водечките кинематографери во Франција и говореше за искуството како е да се работи на филм во Кина.

-Добро бев запознаен со работата на режисерот Џиа Јанг-Це, филмовите му беа многу гледани. Првпат се сретнав со него пред 15 години кога се прикажуваше неговиот филм, а потоа откако неговиот кинематографер се откажа од овој проект јас бев поканет да работам. Не бев свесен дека ќе живеам во Кина, дека ќе патувам на големи растојанија и во моментот речиси да немаше сценарио, речиси се’ беше импровизација, а тоа всушност е азискиот начин на работа. Тие не работат како нас во Европа или во САД, но јас тој начин на работа го доживеав како авантура, рече Готје.

Овој филм е парабола за модерното кинеско општество, раскажува за кинеското подземје.

-Сум работел во странство повеќе пати и секогаш сакам да снимам со локална екипа, зошто на тој начин учам и размислувам на друг начин. Кинезите не зборуваат англиски и знаев дека ќе имам потешкотии со комуникацијата. Но, работата со екипа секогаш е прашање на доверба и верба и бидејќи тие знаеја што барам одлично соработувавме. Мојата екипа обично се состои од тројца, но сега имав шест асистенти, а за половина час може да ви направат платформа, сите излегуваат од некаде и работат. Снимав со „Алекса мини“4К, а потоа снимавме на филм со поинакви леќи со поинаква камера, а сите сцени на реката Јанг-це се снимени на лента и на крајот снимав со „Алекса ред“ бидејќи се обидував да дадам насилен контраст, агресивен контраст, објасни Готје.

Марија Џиџева, селектор на документарната програма, денеска го претстави филмот „Иднината е наша“ на режисерот Андреј Георгиев, кинематографер е Дарио Секуловски, а дел од екипата е Сандра Георгиева која ја работеше монтажата на филмот. Станува збор за филм кој говори за актуелна тема од нашето секојдневие и има млада филмска екипа.

-Беше прекрасно да се види одјавната шпица бидејќи сите од екипата се студенти, ова е всушност дипломски филм и тоа е убав момент за сите нас, бидејќи гледаме дека се создава една нова, најнова генерација на филмски автори, рече Џиџева.

Филмот има документаристички пристап и за пофалба е брзата реакција, бидејќи настаните кои се прикажани во филмот се случуваа пред само една година.

-Филмот содржи една тема и време во кое сите сме живееле. Позадината на приказната е за време на студентските протести, какви настани и неправди им се случувале на луѓето околу нас. Некои се храбри, некои се борат, некои поднесуваат жртва. Мислам дека ние како млади автори треба брзо да реагираме на настаните и темите кои не’ засегаат и да ги прикажеме низ нашата призма, рече Георгиевска.

Синоќа во рамките на фестивалската програма, беше прикажан филмот „Персона“ во режија на Ингмар Бергман, како дел од обележувањето на 100 годишнината од раѓањето на легендарниот шведски филмски автор. Амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон пред проекцијата се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ и Кинотеката на Македонија што го организираа ова одбележување.

Филмот „Персона“ е еден од неговите најсложени филмови, но и еден од најкритизираните филмови. Но „Персона“ е психолошка драма која е Монт Еверест во филмската уметност. Филмовите на Бергман се многу длабоки, тој е фантастична личност, рече амбасадорот Стафансон.

Фестивалот, синоќа,  го посети и амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Ваутер Пломп кој се сретна со директорката Гена Теодосиевска и со својот колега од Шведска. Холандската амбасада, годинава го поддржа фестивалот „Браќа Манаки“, на кои беа прикажани неколку филмски остварувања на холандски автори.

-Ние како амбасада сме  горди сме што сме дел од успешната приказна на фестивалот „Браќа Манаки“.  Среќен сум што ја посетив Битола и самиот бев сведок на магијата што ја носи фестивалот, покажувајќи го вистинскиот космополитски дух на градот, изјави холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.

Како дел од документарната програма, синоќа беше прикажан филмот „Кобра“ за животот на олимпиецот Шабан Трстена, во режија на Игор Иванов Изи. Тој рече дека филмот го направил на покана на продуцентот Томи Салковски и за него бил предизвик да направи еден документарен филм. Тој не сакал овој филм да има војаристички пристап туку да биде опсервација, една искрена приказна и да се пренесе вистинската прилика.

Инаку, завршуваат подготовките на утрешното свечено затварање на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. По перформансот во изведба на актерката Јелена Јованова, меѓународното жири со кое годинава претседава грчката кинематограферка Олимпија Митилинау, а членови се Рајнер Клаусман, кинматографер, Матијас Тролструп, кинематографер, Ребека Фајад Палуд, агентка на филмски работници и Ѓорче Ставрески, режисер, ќе ги соопшти имињата на добитниците на Злтна, Сребрена и Бронзена камера 300, како и Мала камера 300 за кинематографер на краток филм.

За затварањето на фестивалот најавен е краткиот филм „Скаут“ во режија на Алекс Цветков и последниот филм од главната програма „Црниот Кју-Клукс- клановец“, во режија на Спајк Ли.

Новина е што годинава првпат публиката ќе има можност да го следи свеченото затварање на фестивалот „Браќа Манаки“ преку официјалната Фејсбук страница на фестивалот, со почеток од 19.30 часот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ