сабота, јули 27, 2024
домаПрисвојувачите на „Манаки“ ќе ја спасуваат филмската фела

Присвојувачите на „Манаки“ ќе ја спасуваат филмската фела

Отворањето на 44. Фестивал на филмската камера во Битола со својот тотално промашен перформанс отвори многу прашања, потсети на постоечките проблеми со ДФРМ, на бројните контроверзии, промашувања и неоправдани привилегии, но во одгласите за фестивалот нема ништо, освен цитирање на говори кои во суштина не значат ништо

Пишува: Сунчица Уневска

Отворањето на 44. „Браќа Манаки“ и „одгласите“ (кои ги нема) за него, најдобро ја покажуваат состојбата во нашата земја. Тотален крах на критериумите (кога станува збор за она небулозно сценарио и однесување на самото отворање на фестивалот), целосна индиферентност кон состојбата со филмската фела (за која на фестивалот зборуваа токму оние кои најмногу и наштетуваат), и немање никакво чувство, ниту познавање за вредностите (ако може со „еуфорија“ да се прифати калкулаторската и тотално неиздржана одлука наградата на ДФРМ да ја добие Лабина Митевска).

Се продава Златна камера 300

Питер Бижу со Златната камера за животно дело
Од друга страна, се прашувате, колку има смисла да се залагате и да зборувате за вистинските вредности во средина во која оние што треба да ги градат, всушност, ги уништуваат или целосно не ги препознаваат. Порано можеби имаше и смисла да се бориме за суштинското, бидејќи сè уште имаше надеж. Денеска, суштинското, вредностите, границите, критериумите, станаа шпанско село за сите, и за учесниците и за проследувачите на ваквите настани. Денеска со една таква површност се прифаќа сè што им е понудено, заборавајќи дека до вчера се зборуваше за проблемите и криминалите кои истите тие организатори континуирано со години ги прават.
Екранот и сцената, за оние кои знаат, не се исто
Но, треба ли тоа да нè спречи. Треба ли тоа да нè направи глуви и слепи за сите случувања околу нас, кои кулминираат токму со невкус и незнаење на манифестација од таков ранг. Не, не треба, барем не додека можеме на тоа да укажеме и додека има барем еден кого тоа ќе го замисли. Еве, како фантастичен пример за ова за кое зборувам ќе го посочам фејсбук статусот на Димитар Филиповски, кој на самиот ден на отворањето на фестивалот објави оглас на интернет или да не речам сатиричен статус, иако многу вистинит, дека продава статуетки Златна камера 300 кои се доделуваат на фестивалот „Браќа Манаки“. Зошто? Затоа што 29 години Филиповски ги прави статуетките за Фестивалот на филмската камера, тие се негов дизајн и негово авторство, а од оваа година, како што вели, е испратен во аут. Но, дали некој се заинтересира за тоа (чест на исклучоците) и дали некому му беше важно, освен да се слика со лауреатите или покрај толку вредното „пано“?

Циркуски, невкусно, неадекватно отворање

До каде дојдовме кога веќе ништо и не препознаваме. Какво беше тоа отворање, каква лакрдија, каква „селска приредба“, како што со право вели еден наш голем автор, која не можат да ја прикријат ни култните песни и филмови кога таму дефинитивно не им е место. Но, за да знаете што е адекватно треба култура, треба искуство, треба познавање, треба правење разлика што оди на екран, а што на сцена, треба учење, треба градење критериуми. Не е доволно да се повикате на филмови или песни, треба да знаете каде да ги ставите. Треба да знаете, ако носите големи автори, како тие треба да бидат испочитувани. За тоа не е и не може да биде доволно да глумите фестивал.

Циркузот почна уште од надвор
Истото важи и за водителството и за вклучувањето на публиката (и гостите) во сето тоа, и за тоа треба мајсторство, но не во нивното однесување, туку во проценката за тоа што е адекватно, а што не е. Бидејќи, Златна бубамара и Браќа Манаки се толку различни два настани во секој поглед, кои немаат никакви допирни точки. Беше срамота сето тоа да се гледа. На кое ниво дојдовме, колку немаме поим како фестивалот треба да расте, да се негува и да се почитува, немаме поим што значи достоинството на авторот, немаме поим што значи онаа традиција која фестивалот веќе треба да ја има, немаме поим ниту за сопствената одговорност во сето тоа, дали како учесник или проследувач. Не, кај нас е најважно сите да бидат дел од селската приредба, кај нас е најважно сите да се сликаат, поважно од тоа нема???

Цитирање на празни флоскули

Сега ДФРМ има проблем со министерката за култура
И, кога ќе се обидете да најдете нешто во медиумите за тоа како поминало отворањето, за тоа на што личи денеска после речиси половина век „Браќа Манаки“, за бројните проблеми кои се во позадината на фестивалот, па и спорните одлуки за наградите, како годинешната, вие наоѓате единствено цитати од говорите токму на оние кои зборуваат за уметност, а сè што ги води во животот и во работата се само нивните лични интереси.
Најдобар пример се токму челниците на ДФРМ, за што веќе толку пати е зборувано и поткрепено со многу факти, кои ни ги даваат самите филмски работници. Бидејќи, ДФРМ не само што си го присвоија „Манаки“ (кој ќе потсетиме стоти пат, е основан од група филмски работници, од Кинотеката на Македонија и градот Битола и кој целосно се одржува со државни пари), туку ја присвоија и Агенцијата за филм. Исто така, пишувано којзнае колку пати, дека Агенција за филм постои само за една шака луѓе од ДФРМ кои водат буквално сè, односно од нив зависи кој ќе снима, од нив зависи кои автори и продуцентски куќи ќе бидат поддржани, тоа е единствено здружение чии членови, се разбира, одбрани, примаат месечна плата односно месечни приходи од Агенција за филм, но не врз база на проекти и конкурси како сите други здруженија во државава, туку како редовни примања?? Освен тоа, „Браќа Манаки“, како и сите други манифестации што ги измислија, носат пари и они од тоа нема да се откажат, односно прават сè за тие привилегии да ги задржат.
Затоа „Браќа Манаки“ е нивна манифестација и затоа деновиве и дадоа таков дрзок одговор на еден од советниците во Битола, дека тоа е нивни фестивал и дека претседателот го бира „собранието на друштвото“. Многу е интересно што нивното здружение и органи, собрание или надзорен одбор, ги третираат буквално како институции, а не се. Тоа е собрание на здружение и факт е дека нема никаков легитимитет, освен во рамки на здружението. Се разбира, ДФРМ поддржува едвај една третина од филмските работници, знаеме многу од нив како живеат и многу кои си отидоа од земјава или не се враќаат затоа што тука не можат да работат. Говорот на Игор Иванов дека ќе ја „спасат“ филмската фела е многу интересен, бидејќи филмската фела првенствено треба да ја спасат од самите себе, а дури потоа да се зборува за нивните права итн, итн.

Лабина Митевска во редот со Ценевски, Стојанова, Попов, Манчевски???

Чудна одлука – Лабина со наградата
А башка што се однесуваат како македонската кинематографија да започнала од нив. Тоа многу добро се виде кога одбележуваа три децении македонски филм, тоа многу добро се гледа на фестивалот Златна рамка, а се виде и сега кога решија Големата ѕвезда на македонскиот филм да ѝ ја доделат на Лабина Митевска. Какво срамно решение!? Иронично е што токму Лабина Митевска како директор на „Браќа Манаки“ спречи ваква награда да ѝ биде доделена на една од најголемите македонски актерки, а сега ја добива таа. За што? За која биографија како актерка (бидејќи сигурно не е важен само бројот на филмовите) и за која биографија како продуцентка? Знаете, не случајно авторите кои добиваат награди за животно дело најчесто се во години, затоа што се работи за сериозни биографии. Но, не е само поради годините, има и луѓе кои помлади оствариле навистина завиден и квалитетен опус. Но, не и Лабина.
Настрана што со таа награда се измешани баби и жаби, бидејќи едно е актер, едно е автор, а друго е продуцент и менаџер. Тие награди секаде се одвоени, тоа се различни категории, различни придонеси. Но, еве и да ги споиме, реално за каква биографија зборуваме за воопшто да може да се зборува за значаен придонес кон македонскиот филм. За што зборуваме овде, освен за калкулациите на неколкумина од ДФРМ кои никако не можат да го остварат тоа што го посакуваат, па веќе не знаат што да смислат… Срамно е да се прескокнат, како што напиша еден мој колега, актери како Коле Ангеловски, Петар Арсовски, па дури и постхумно, Митко Апостоловски, Мери Бошкова, Сабина Ајрула, а награда да добие Лабина. Ако можеме да ја изедначуваме со Милчо Манчевски, со Столе Попов, со Милица Стојанова, со Љупчо Константинов, со Кирил Ценевски, тогаш навистина не знам што да кажам….

Македонскиот филм според ДФРМ од нив почнува

Со други зборови, има многу што да се зборува за „Браќа Манаки“ за контроверзиите, за проблемите, за лошите решенија, за промашувањата, за избрканите филмски работници, за избрканите директори без да им заврши мандат, Гена Теодосиевска и Таки – Димитар Николов, кој тужеше и доби на суд, за многу, многу други присвоени работи и штети што ДФРМ ги прави за филмската фела, која сега ќе ја спасува. Од кого? Од министерката за култура, бидејќи не им се допаѓаат извештаите на инспекциите од Министерството или не дај боже кратење на парите кои без никаков основ редовно ги земаат, па затоа после нападите врз Милчо Манчевски поради пријавувањето на корупција во Агенција за филм и ДФРМ, мораат да удрат врз сите други „непријатели“, односно врз сите кои претставуваат закана да ги изгубат нивните бројни привилегии. За потоа да излезат на бина и да зборуваат за уметност… И никому ништо. Медиумите ги цитираат како ништо да не било. Слепи и глуви, или селски и пресметано, како и да е, тоа сме ние, и затоа сме таму каде што сме.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ