сабота, јули 27, 2024
домаПроблемите не се променети, променет е само начинот на кој ги решаваме

Проблемите не се променети, променет е само начинот на кој ги решаваме

Работилниците за филмска критика во Куманово, насловени „МАТРИЦА“, покажаа дека критиката недостасува и дека младите сакаат и умеат преку филмот да проговорат за своите проблеми

Сунчица Уневска

На 11 и 12 мај започнаа првите работилници за филмска критика во организација на здружението „Аквариус“, а под наслов „МАТРИЦА“, повикувајќи ги учесниците и сите оние кои сакаат малку поинаква дискусија „да влезат во матриксот“. Така и се случи, првите две работилници се одржаа во Куманово, во Занаетчискиот дом, со поддршка на Општина Куманово и со самата институција, чиј директор е Виктор Божурски, кои нѝ овозможија да ја започнеме нашата нова филмска авантура. За овој настан беа информирани и локалните медиуми, а наши поддржувачи и учесници беа и организаторите на фестивалите ФИЛМАЈ од Куманово и „Дрим шорт“ од Струга.

Интересот како за првпат и како за работилници беше сосем добар, се собраа учесници од различни профили, но и различни возрасти. Филмот што го прикажавме беше класикот на Николас Реј, „Бунтовник без причина“ од 1955 година. И токму тоа приреди големо изненадување и извонредно доживување, бидејќи не само што класикот си го донесе сето она поради што и го има овој епитет, туку темата во филмот беше навистина полн погодок, покажувајќи колку вистинските вредности секогаш одново се актуелни и дека и денеска младите, иако на различен начин, се судираат со сличните проблеми.

А, всушност, тоа и беше целта на нашата филмска работилница, да проговориме за вистинските вредности, бидејќи во денешната филмска понуда тие сè помалку се присутни. Не дека за нив нема интерес, не дека тие филмови не би биле гледани, но филмот сè повеќе станува забава, со една единствена цел – да ги полни џебовите на продуцентите и да се зголемува комерцијалниот интерес од филмската индустрија. Но, што, всушност, развојот на таа филмска индустрија ѝ носи во суштина на публиката? Зошто денеска е толку девалвирана филмската критика, зошто сè повеќе се губи значењето на културата, која исто така страда од трката за профит и од оние доминантни економско-поилитички интереси.

Се покажа дека младите навистина уживаа во овој настан, низ кој се обидовме, не само да отвориме теми, туку токму низ пример да ја покажеме важноста на критиките за уметничките дела. Имено, културата треба да го направи животот поквалитетен, а критиката е таа која во сето тоа треба да придонесе, отворајќи теми, зборувајќи за вредностите и важноста на уметничките дела како медиум, преку кој многу полесно може да се детектира и проговори за актуелните настани и проблеми. Младите денеска се преплавени со површна понуда и не ни имаат вентил преку кој би можеле да зборуваат за она со што секојдневно се судираат.

Извонредната дискусија која ја предизвика овој филм и нашето присуство покажа дека интересот е голем, а што е најзначајно, потребата е уште поголема. За нас беше прекрасно искуство да видиме колку на младите им значат вакви разговори и колку тие успеаја да се отворат и да прозборат за денешните нерешливи меѓучовечки односи, кои навистина можат на младите да им го загорчат животот.

Иако „Бунтовник без причина“ не е познат како филм за булинг, се покажа дека младите во него ги препознаа токму тие елементи. Навистина дискусијата беше толку плодна, истакнувајќи дека денеска се спроведуваат законите кога станува збор за училиштата, но прашањето е кој се наоѓа на тие места што треба да им бидат од помош на младите. Колку тие луѓе, најчесто партиски поставени, навистина се заинтересирани сериозно да се занимаваат со проблемите со кои овие млади луѓе во училиштата се соочуваат?

Што се случува со педагошката работа, која уште многу одамна е присутна во училиштата. Колку таа придонесува, или обратно, колку младите се во незавидна ситуација ако отидат и побараат помош од педагог. Потоа, колку многу во целиот тој булинг придонесоа социјалните мрежи и кој е начинот младите на сето тоа да му се спротивстават. Колку е важна улогата на родителите и колку е важна поддршката на врсниците и нивното меѓусебно препознавање.

Дискусијата беше особено интересна и во поглед на анализа на филмот, бидејќи и тој носи неколку водечки лика и пошироката слика за нивното живеење, која го предизвикува нивното однесување. Колку е важно кога некое дете ќе најде некој кого може да го смета за пријател, но колку е лесно таа граница да се премине, бидејќи недовербата и стравот ги прават овие млади луѓе толку несигурни и ранливи. Сите тие на свој начин се справуваат со секојдневните предизвици, но она што е најинтересно е колку многу се зрели, колку ги препознаваат вистинските проблеми и колку, па дури и резигнирано, гледаат на тоа дека тие во денешното општество се нерешливи.

Исклучителна дискусија и за нас и за нив и искрено се надеваме дека таа ќе продолжи, бидејќи од неа дефинитивно, како што се покажа, има голема потреба.

Проектот е поддржан од Министерството за култура.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ