Промоција на книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска, која неодамна излезе од печат во издание на издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје, ќе се одржи на 12 април од 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје. За книгата ќе говорат проф. д-р Елизабета Шелева, и проф. д-р Александар Прокопиев. Книгата е издадена со поддршка од Министерството за култура.
„Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е интермедијална студија која на компаративен начин го обработува третманот на книжевноста и културата во неколку македонски медиуми во подолг временски период.
Освен историскиот след и континуитетот во застапеноста на културните рубрики, делото ги отвора и прашањата за загрижувачката негрижа кон културата денес.
Книгата дава и хронолошки преглед на егзилот/селењето на книжевноста и културата воопшто од старите (канонизирани) кон новите медиуми и неминовното менување на светот со појавата на интернетот.
Во поглавјата посветени на таа промена, едно од клучните прашања е она што го поставуваше познатиот Умберто Еко „Дали интернетот ќе ја убие книгата?“, на кое студијата дава неколку можни одговори и тези. Главниот научен метод што го избира авторката е компаратистиката, а главните податоци за медиумите се прибирани преку дирекни интервјуа со десетина уредници и новинари.
Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Родена е 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.
Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија: Радио Бус, Македонско Радио – Радио Скопје, Наша ТВ, Студент ФМ 92.9- радиото на УКИМ. Од 2016 е новинар и водител во ТВ АЛФА. Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медиапан во Сараево.
Во 2017 и 2018 била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Истата година е гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното е-списание www.versopolis.com
Јуруковска е еден од основачите и уредниците на порталот www.cooltura.mk. Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com. Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите.
Од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е нејзина втора книга.