Додека повеќето од учесниците на климатскиот самит на ОН, COP26 во Глазгов размислуваа дали да возат до таму, да дојдат со авион или воз, група активисти пристигнаа од Лондон по 55 дена пешачење. Тие од септември поминале околу 800 километри, а по повод самитот во Глазгов се очекува да дојдат околу 250 поединци од различни земји, пренесува „Гардијан“.
Од организацијата „Екстинкшан ребелион Скотланд“ (Бунт против истребување Шкотска) велат дека нивното пристигнување ја означило „церемонијата на отворање“ на ненасилните протести планирани во шкотскиот град и ширум светот за време на разговорите за климата во ОН.
Меѓу активистите кои пристигнаа пеш од Лондон беше и религиозната група „Камино ту COP26“ (Пат до COP26), предводена од жени. Меѓу нив има и студенти, но и постари лица, а за време на пешачката тура се обидоа да ја подигнат свеста кај луѓето за климатската и еколошката криза. Според „Гардијан“, имало денови кога со групата „аџии“ оделе и по 70 луѓе. Оваа група вклучува припадници на различни религиозни определби, побожни Евреи, христијани и будисти, но и атеисти, наведува „Гардијан“.
Во Глазгов денеска започна и еднонеделен штрајк на комуналните работници и чистачите на улици, што се совпадна со првиот ден од климатската конференција COP26, на која се собраа водечките светски лидери. Лидерите на синдикатот „ГМБ Шкотска“ потврдија дека вработените во комуналната управа на градскиот совет на Глазгов ќе штрајкуваат една недела, со почеток во 00:01 часот во понеделник, јавува „Би-би-си“.
Синдикатот го обвини Советот дека не им дал на персоналот „соодветно време и простор“ за разгледување на нова понуда во врска со платите. Спорот веќе доведе до таложење на смет по улиците во некои делови од градот, а ѓубреџиите велат дека немаат доволно кадар. Градскиот совет на Глазгов ги повика работниците да ја преиспитаат можноста за предизвикување пореметувања во текот на „бурното и тешко време“ за градот. А.Н.