недела, ноември 24, 2024
домаКујнаРаботилница, презентација на успешни македонски практики, размена на креативни идеи – на...

Работилница, презентација на успешни македонски практики, размена на креативни идеи – на вториот ден на Меѓународниот форум за креативни индустрии

Работилници, презентации на успешни практики, претставување на таленти и креативни идеи помеѓу учесниците, ова е дел од програмата на вториот ден на Меѓународниот форум за културно креативно претприемништво. Целосно онлајн ќе се одвива програмата, а публиката може да ја следи на интернет-страницата на Форумот и на фб-страницата.

Во 11 часот работилница ќе одржи Артур ле Гал од Меѓународниот центар за креативни индустрии КЕА European Affairs од Белгија. Темата е „Ослободување на потенцијалите од креативните индустрии и креативното претприемништво – можност за развој на бизнис-идеја и можности за финансирање/културно креативното претприемништво како можност за меѓународна соработка.

Во 12.15 часот ќе следува презентација на успешни практики во креативните индустрии од млади претприемачи во земјава и во странство. Ќе зборуваат: Наум Михајловски, студио Furiuous Avocado (игра Tie Dye) и Ника Гавровска од издавачката куќа „Гаврош“ и кафе-книжарница. Во 13 часот ќе следуваат брзи состаноци – претставување на таленти, предизвици и креативни идеи помеѓу учесниците и мапирање на креативни еко-системи.

Настанот го организира Унијата на асоцијации во креативните индустрии. Претседателката Елена Бојаџиева вчера на отворањето на настанот посочи дека сите досегашни членови се асоцијации што се дел од креативните индустрии, а членови можат да станат сите професионални организации што се дел од креативното претприемиштво.

-Иновацијата често знае да дејстувва како катализратор и ја зајакнува социјалната кохезија. Со тоа се создаваат промени и во другите сектори. Се надеваме дека наредната година ќе дискутираме во живо – рече таа.

Меѓу гостите на првиот панел беше Нада Пешева од Министерството за култура.

-Свесни сме дека развојот на креативните и културните индустрии станува вносна гранка од економијата. Овие индустрии придонесуваат за промоцијата на земјите. Креативните и културните индустрии се опфатени во националта стратегија 2018 2022 година. Во рамките на овој прогресивен документ, овие индустрии имаат важен удел во децентрализацијата, можност за рамномерен културен развој во делот на руралниот развој. Мапирање на расположлвиите ресурси на наципнално, локално и културно ниво, како и создвање насока за иден развој. Како важен процес е тоа што во Собранието е доставен нов закон за јавниот интерес во културата со кој ќе се смени начинот на дефинирање и поддршката за финансирање на културата, за пошироко поимање на културата – истакна Пешева.

Мораме да направиме систем на дејствување, истакна Маја Тасева од Агенцијата за претприемништво.

-Пред седум години беше нашиот прв контакт како овие индустрии да станат дел од нас. Оваа можност е добра подлога за да ја развиваме понатаму. Сѐ лежи во базата. Ако не направиме систем на дејствување нема да имаме успех, ако не направиме грешка, нема да одиме напред – истакна Тасева.

Професорката од Лондон Метрополитен Колеџ во Скопје, Македонка Димитрова, сподели искуство во развојот на стартап-компаниите. Од позитивните македонски искуства, таа го сподели успехот на модната креаторка Росица Мршиќ, поради нејзините колекции што негуваат претприемништво и третираат бавна мода, еко-материјали, фер трговија.

Ова е многу важна тема, посочи Фрејк Јанмат од  Делегацијата на ЕУ кај нас. Креативните индустрии за ЕУ се важни од две причини.

-8,7 милион луѓе во ЕУ работат во креативни индустрии, а тоа е 3.8 проценти од работоспособното население. Младите ги има многу во овој сектор. Една друга важна цел е дека не само што е голем сектор, но и расте сѐ повеќе. Колку се побогати општествата, толку повеќе ќе потрошат на култура. Тие придонесуваат кон европските вредности и идентитети – истакна тој.

Според Николина Стојанова од CEED Hub, треба да го пробиваме патот за креативните индустрии.

На првиот ден на Форумот беа претставени успешни практики од Хрватска, Албанија, Бугарија, Финска. Беа претставени и македонски успешни проекти.

Актерите Јасмина Василева и Ивица Димитријевиќ зборуваа за меѓународниот проект „Chorus“ (Хор).

Како успешни практики беа истакнати и „Лице в лице“ за кој зборуваше Маја Раванска, модната дизајнерка Ирина Тошева посочи дкеа модниот дизајн е повеќе од естетски момент, но е важно да се однесува и на еколошкото, етичкото. За „Стартап Македонија“ зборуваше Марија Димовска, а Стефан Митров ја промовираше M3DS Академија за 3Д и гејм дизајн.

Режисерот Саша Станишиќ ја доближи до јавноста платформата „Cinesquare.net“, која постои од 2017 година и е застапена во 13 земји во регионот.

– Идејата настана од потребата. Се случуваше многу пати да сакам да гледам одредени нови филмови, а единствен начин беше да се оди на филмски фестивали. Балканот е специфичен регион, платформата ќе се развива во повеќе правци, а учеството на локални пазари од земјите што ги покриваме е клучно – рече Станишиќ.

Меѓународниот форум за културно креативно претприемништво се реализира со поддршка на Министерството за култура. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ