недела, декември 22, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмРацин низ повеќеслојна емотивна призма отсликан премиерно од Велешкиот театар

Рацин низ повеќеслојна емотивна призма отсликан премиерно од Велешкиот театар

Сликовито емотивно патување низ животот и делото на Коста Солев Рацин приреди синоќа Народниот театар „Ј.Х.Џинот“ во својата премиерна изведба на „Охридско лето“, а публиката се соживеа со одличната актерска игра, инспиративната музика и динамична сценографија.  

Моменти на молк, моменти на бунт, елегичност, енергичност, многу уметничка слобода во интерпретирањето на делата и ликот на велешкиот поет, низ стихови, тивко испеани, гласно изговорени, во еден миг и во соработка со гости од публиката, ја прават оваа поставка несекојдневно доживување на уметникот Рацин и човекот Рацин.

Умешно вклопени во визијата на режисерот Дејан Пројковски кој посочи дека претставата не си дава за задача и одговорност да го раскажува животниот пат на Рацин или да одговара на некој  историски лавиринти и контексти, туку е наша рефлексија за она што претставува денес Рацин, беа и костимите на Раде Василев и Елена Вангеловска, и сценографијата на Валентин Светозарев, едноставна, но динамична и совршено надополнета со светлосните рефлексии на стихови врз неа.

Драматургијата на Сашо Димоски во која стихот умешно беше преточен во сценска реплика, зачинет со музиката во живо изведена од Сашко Костов и Орхидеја Дукова бешепосебно патување низ емотивната слика за Рацин, надополнета со сцени на актерската игра која преминуваше од традиционални чекори во синхронизирани танцови точки, за наеднаш да стивне до глува тишина која ќе ја разбие добро избран болен стих, не може а да не растрепери некаква емоција, болка, тага, страст, гордост, било да е историска, национална или длабока, лична…

Аплаузите очекувано беа долги и упатени на секој член од продукцијата поединечно, од режисерот Пројковски, драматургот Димовски,  сценографот Светозарев, костимографите Раде Василев и Елена Вангеловска, музичарите Костов и Дукова, а најмногу до актерите Исидор Јованоски за беспоштедно емотивно отсликаниот Рацин , Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски, Илина Чонкова.

Премиерата на „Рацин“ ветува многу изведби не само поради универзалните теми кои ги третира вткаени во Рациновата социјална и љубовна поезија, туку и целиот наплив од емоции кој е вткаен во сите нејзини сегменти со што повеќекратно ја освојува публиката. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ