„Џокер“, новиот филм на Тод Филипс, го освојува светот, што покажува дека умееме да ја препознаеме и да се поистоветиме со неправдата и со злото на екранот, но колку тоа го применуваме во реалниот живот, е сосема друго прашање. Интересно е дека во „Џокер“, базиран на ликот од Ди-Си комикс, го гледаме дури и тоа што го нема, во оваа приказна за тоа како, всушност, настанува Џокер, односно како Артур Флек станува страв и трепет за Готам сити, ја нема ниту вистинската содржина, ниту контекстот, ниту суштинското значење, а за длабочина воопшто и да не зборуваме. Но, кога станува збор за осаменост и за социјална изолираност, која денеска е поактуелна од кога било, кога станува збор за ментални проблеми, кога станува збор за неправда и одмазда кон она што го претставува системот, сите наеднаш стануваме свесни, сочувствителни, жаловити. Сите наеднаш му даваат поддршка на човекот кој е отфрлен од општеството, на човекот кој е оставен сам на себе и кон кого сите се рамнодушни, зборувајќи дека тоа е многу „јако“, дека таква е вистината и дека сите треба филмот да го видат. Меѓутоа, факт е дека реакцијата на филмот, во стварност ја нема. Зошто? Затоа што „негативците“, дури и кога се во право, на екранот и во стварноста се многу различни или различни се оние кои тоа го гледаат. Но, тоа е поинаква анализа, да видиме што всушност кажува филмот.
Тод Филипс (главно познат по комедии како „Старски и Хач“, „Хенговер“), кој го потпишува сценариото заедно со Скот Силвер („Осма милја“, „Борец“), е далеку од тоа да создаде лик каков што претендира. Неговиот Џокер е премногу наместен и површен, а на моменти воопшто не е ни јасен, затоа што ние цело време ја гледаме манифестацијата, но не и поттекстот, не и позадината, не и суштественоста која треба да се крие зад приказната, не и она што лежи во сржта на нештата. Филмот всушност и нема одговор на најосновните прашања, што е со крикот, што е со болката, не можат оние безначајни инциденти со младите хулигани, или со колегата кој ќе го наклевети за пиштолот што ќе му го даде, да ја покријат базата која целосно недостига.
Стрипот и филмот имаат сосем различен контекст, но и не само стрипот, Тод Филипс овде ќе измеша сè, и филмовите како „Крал на комедијата“, како „Таксист“ и неговиот бесмртен Тревис Бикл, што дефинитивно е неспоредливо, или филмот како „Слободно паѓање“ со незаборавниот Ди-фенс. Не можете да зборувате за некоја дадена негативност, за некое дадено црнило, да правите пародија, а од друга страна да гравитирате меѓу сериозноста и инфантилноста односно патетичноста во пристапот кон самиот лик и неговото доживување на себеси. Филипс можеби мислел дека контрастите на кои се потпира се доволни, дека кловнот и сето она што тој го претставува, дека менталната болест со неговото хистерично смеење во најнеприкладни ситуации, дека приказната за Џокер и Готам сити ќе ја заврши работата. И да, ја завршува, ама само плакатно, како што е направен и филмот, целосно потпрен на визуелното и на манифестацијата, но заборавајќи ја или незнаејќи како да излезе на крај со содржината и со вистинската подлога која на сите овие работи ќе им ја даде смислата и поврзаноста за да имаат било какво значење.
Уште од самиот почеток Тод Филипс е обземен со неправдата и со црнилото, па филмот така и почнува, со една траорна атмосфера, со таква камера, со таква сугестија, со таква музика, со такво доживување на еден сосем површен и неважен инцидент, што веќе од самиот почеток ја кажува и својата намера. Филмот нема темели, но тоа и не е битно, важна е таа визуелност, на кој тој е целосно посветен и на изразувањето на Феникс, кои дефинитивно се одлично направени, што многу потсетува на стрипот, а авторот така и го води. Но, за да може да алудира на ликови какви што се Тревис Бикл (Роберт де Ниро) или Ди-фенс (Мајкл Даглас), потребно е нешто многу повеќе, што овде целосно го нема.
Џокер е трагичен лик без оглед на сè, а оправданоста авторот ја бара во менталната болест, не само негова, туку и на неговата мајка, и во некои навистина смешни коинциденции. Неверојатно е колкав импакт направи овој филм со актуелната фасцинација на публиката со стриповските негативци, а во суштина е целосно празен. Едноставно, Џокер треба да е црн и несреќен и ние тоа како такво и го прифаќаме, па премногу и не прашуваме за било што друго, бидејќи тоа се подразбира. А, всушност, се на кое алудира авторот е толку површно и бледо што апсолутно не соодветствува со последиците што тој сака да ги прикаже и да им ја даде тежината. За на крајот да дојдеме до една таква катарза и кулминација во неговото омилено шоу што го води Мареј Френклин (Роберт де Ниро), која треба да биде слична на оние на Тарантино, но таа воопшто не се постигнува толку лесно како што мисли Филипс.
Тој, впрочем, во сè се однесува подеднакво, користи толку многу работи без да се потруди да придонесе во некаква градба која треба да ги исцрта тие темели, мислејќи дека е доволно да ги „позајми“ толку познатите и во ист контекст користени ситуации. Иако е интересно што публиката, особено младата, така и го прифаќа. Тоа е денешното стриповско време, време на акции, трилери, научна фантастика, време на филмувани стрипови, време на слика, на визуелност, на насилство кое се подразбира, на негативност, на неправда, на хорор, прифатено како нешто здраво за готово. Да, се напаѓа системот, социјалните врендости, општествениот контекст, но и тоа останува на површина, повеќе зададено отколку со цел да се испита или долови неговата суштина и некои си причинско последични врски, кои и не треба да се видливи, но секако треба да се вградени. Тогаш чувството е поинакво, без оглед дали сте свесни за тоа или не.
„Џокер“ во суштина е доста празен филм, кој цело време се преповторува, па на моменти е и здодевен, не затоа што е предвидлив, туку затоа што нема тежина. Жоакин Феникс е фасцинантен и тоа во многу и придонесува до приемот на овој филм, иако после тоа всушност и нема што да остане, ништо релевантно, ниту во поглед на човечкото однесување, ниту во поглед на социјалните или општествени прашања. Сè што е направено во прв план ја става визуелноста, тој мрачен и готски стил, тагата, депресијата, болката, што е доста ефектно и успева да предизвика емоции кај гледачите. Над сè е надвисната несреќата, па и кога се обидува да го оствари својот сон, тоа е повеќе нешто што гравитира меѓу реалното и нереалното, нешто што пропаѓа во контрадикторност на иронијата сама по себе и преголемата сериозност.
Авторот некако не се решил како да го води ликот во детали, но затоа надворешно има само една линија, црна. Тој сакал да направи лик кој ќе остане, но освен маестралната сцена на скалите, ништо друго не можете да понесете. Така, Џокер се претвора во своја спротивност иако на прв поглед не изгледа така, но во суштина самото третирање на ликот е погрешно, па Џокер станува жртва на неадекватната амбиција (како своја, така и на авторот) и фантазија која и самиот за себе ја има, не постигнувајќи го она кон што цели. Да создаде лик што ќе го паметите по неговата суштина и интегритет, без оглед дали позитивен или негативен, исто како што не успева ни да создаде филм чија порака или срцевина ќе допре и ќе остане. Не, за жал, освен надворешното, освен визијата, чија впечатливост можеби подолго ќе се памети, сè друго ќе остане запретано во Готам сити, митскиот град кој на свој начин му ја дава дефинираноста што филмот во суштината ја нема.