Пишува: Наташа Доковска
После толку години конечно решив да го одгледам филмот за Дражен Петровиќ, кошаркарскиот генијалец чија судбина остави неизбришлива трага во спортската историја. Како љубител на биографски филмови и голем фан на Дражен, очекував инспиративна приказна, филм што ќе го долови неговиот карактер, непоколебливиот дух и револуционерното влијание што го имаше врз европската и НБА кошарката. Но, наместо тоа, добив… лимонада.
Филмот, иако базиран на фасцинантен лик, изгледа како да не знае што точно сака да биде – дали документарец, дали спортска драма или пак евтина сентиментална приказна за трагично загубен живот. Наместо динамична нарација со силна емоција, филмот е исполнет со клишеа, плитки дијалози и неубедливи сцени кои повеќе наликуваат на телевизиска продукција отколку на вистински биографски филм.
Најголемото разочарување е начинот на кој е прикажан самиот Дражен. Наместо да ја долови неговата страсна љубов кон кошарката, непокорливиот натпреварувачки дух и перфекционизмот што го правеше уникатен, филмот ни дава бледа, еднодимензионална верзија на него. Изоставени се многу клучни моменти од неговата кариера, а конфликтите, како оние со соиграчите и ривалите, се прикажани површно и без драматична тежина.
Друг голем проблем е недостигот на атмосфера. Дражен беше играч кој ги носеше емоциите на теренот, а во овој филм сè изгледа механички, без вистинска возбуда или тензија. Дури и судбоносниот момент на несреќата, кој во реалноста беше шок за целиот спортски свет, е прикажан со таква рамнодушност што го губи својот импакт.
За споредба, доколку некој навистина сака да почувствува што значеше Дражен Петровиќ за кошарката, подобро е да ги гледа документарците како “Once Brothers” на ESPN, кој маестрално ја раскажува неговата приказна во контекст на југословенската репрезентација, пријателството и ривалството со Дивац, и трагедијата што ја прекина една историска кариера.
На крајот, овој филм останува пропуштена шанса. Наместо да му оддаде вистинска почит на еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, остана во сенката на површен, комерцијален пристап без длабочина и без емоцијата што Дражен ја носеше во секој натпревар. Фановите на кошарката и Дражен заслужуваа многу повеќе.
![](https://text.mk/wp-content/uploads/2020/02/SEMM-baner_MK.jpg)