понеделник, ноември 18, 2024
домаНасловнаРецензија: „Врба“ е тотално безживотен филм

Рецензија: „Врба“ е тотално безживотен филм

Кон „Врба“, режија и сценарио: Милчо Манчевски; улоги: Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Ненад Начев, Никола Ристески, Петар Царановиќ, Ратка Радмановиќ; музика: Кирил Џајковски; фотографија: Тамаш Добош; Македонија, Унгарија, Белгија 2019 година. Пишува: Сунчица Уневска

Што да се каже после сите оние силни импресии и написи за филмот „Врба“. Колку има смисла да се пишува критика во услови во кои мислењето е оформено, во услови на една еуфорија која е тотално неразбирлива. Еуфорија во која сите се наоѓаат повикани да го споделат своето одушевување и инспирирани да напишат и да најдат што повеќе значења во новиот филм на Милчо Манчевски. Значења, теми, емоции, митови, традиции, легенди, симболи, болка, фасцинација од начинот на кој се зборува за мајчинството, одушевеност од сето она што филмот, според овие написи, успева да го допре. Што да се напише во услови кога еуфоријата оди дотаму што во филмот се наоѓа таква длабочина и пораки од кои сигурно и самиот автор е изненаден. Ова е навистина неверојатна ситуација и одличен пример за тоа до каде социјалните мрежи можат да ги одведат работите, до каде може да отиде таа одушевеност од нешто кое, за жал, воопшто го нема.

Навистина е многу интересно колкав е предизвикот за луѓето да напишат што повеќе, што поинспиративно, колкава е возбудата и потребата да откријат такви работи во филмот, такви алузии, такви идеи, да му дадат таква содржина од која авторот, дефинитивно, може нов филм да направи. Бидејќи, овој филм за кој зборуваме, тоа ни оддалеку го нема. Напротив.

„Врба“, заедно со „Сенки“, е еден од најслабите филмови на Милчо Манчевски. Пред сè, би рекла дека она што прво се наметнува и што, секако, му одзема на филмот, е фактот што станува збор за конструкција. Зошто? Бидејќи во него, наједноставно кажано, недостига филмот. Базата на еден филм, кој колку сакате наречете го експеримент, игра со форма, скршена структура, елипсовиден и што уште не, мора да има приказна, мора да има поента, мора да има смисла, мора да понуди идеја зошто воопшто е направен. Темите се оние кои излегуваат од приказната, а не обратно. Не можете (што се докажува и на овој пример) од замислени теми да создавате приказна која и нема вистински концепт, со цел низ тие замислени конструкции да раскажете нешто кое нема ниту природност, ниту реално дејствие и развој, нешто кое е составено од такви стереотипи за темата, од толку многу флоскули, од некои замислени, безживотни ситуации, толку пати видени и повторувани. За на крајот да кажете што? Дека топлата вода е топла.

Филмот може со својата тема за мајчинството да ги допре луѓето, но тоа не значи ниту дека е филм, ниту дека тие теми навистина и ги содржи. За жал, „Врба“ нема никаква инвентивност, а уште помалку претстава како таа тема да се претвори во приказна која, пред сè, ќе има смисла и ќе биде убедлива, која ќе има цел и срцевина. Не сум видела на толку неинвентивен начин употребено богатство од традиции, обичаи, верувања, толку бесцелно водени ситуации, толку безидејно употребени и повторувани фрази, толкав обид да се акцентираат детали и значења, а да ја нема пошироката слика, да го нема контекстот, да ја нема приказната, да го нема развојот на ситуацијата, а уште помалку на ликовите. Не сум видела некој од такви мотиви да создаде пачворк, односно да направи филм во кој ќе натрупа сè и сешто, филм кој е целосно предвидлив, неинтересен, кој нема насока, а за поентата и да не повторуваме. Освен оние бабини деветини, освен оние суеверја и предрасуди, освен оптовареноста со некои врежани мислења, кои треба да ни покажат дека сите тие верувања не се без подлога и дека ништо не може да помине неказнето, особено кога работите се црно-бели за да можат што полесно да допрат до гледачот.

Но, она што е интересно, е дека дури ни тоа не успева. Филмот (самиот филм, не личната идеја за темата) не предизвикува емоција и не остава ништо потоа, затоа што е толку празен и целосно останува на површината. Очекував (поради силните реакции) дека Манчевски игра барем на картата на емоциите, особено со изборот на темата. Но, „Врба“ не буди емоции, бидејќи не ни можете со тие ликови да се поистоветите, ниту додека го гледате, а уште помалку после тоа. „Врба“ е недоживеан филм, безживотен, со искуство кое не е ваше и без вистинска врска со темата. Неговите ликови не се доработени, од една страна, можеби поради парцијалноста, но од друга страна, и затоа што многу малку ја познава психата и во суштина и нема што да каже. Особено не вака, како што овие инсценирани ситуации се водени.

Се обидов сето ова за кое зборувам да го поткрепам со примери, како што вообичаено правам, а се наметнува и самото, во сите филмски критики. Но, интересно е што овде тоа е невозможно. Што се случува во првата приказна, поместена во 17 век, во која сè што е направено виси во воздух. Освен обидот да и ја даде тежината што ја има во „Пред дождот“, каде што за разлика од овде има контекст, сè се сведува на фрази, на вртење во круг, на постојано повторување на очигледното, на неиздржано зборување за клетви, суеверја, бајачки, за на крајот да падне во сопствената стапица.

Што се случува со вториот современ дел, чии небулозни и неприродни ситуации донекаде можат да се објаснат со некоја бајковидност, но кој исто така целосно паѓа кога ќе почне да зборува за многу тешки, сериозни теми, кои водат до одлуката на мајката да го отстрани едниот фетус за подоцна во животот да не му штети на другиот???, а кулминираат кога во разговорот за пиперките ќе му каже дека ги изгуби двата… Додадете им какво сакате значење, емоции, психолошка состојба, па сепак, понелогично, понереално, поповршно и побезживотно не може да биде. Не можете емотивните состојби да ги копирате од други филмови, од нечии други приказни, од нешто слушнато недослушнато, не оди тоа така.

А што е со третиот дел, приказната за посвојувањето и за малиот Буда, што е повторено едно илјада пати. Што е со епизодата со нашите навистина извонредни актери, Благоја Чоревски и Петар Мирчевски. За какви смешни машки и женски принципи овде зборуваме. За каков општествен и тотално недоживеан концепт овде сакаме да зборуваме. Актерите навистина даваат сè од себе, музиката е сосем компатибилна на дејствието, визуелниот дел е без замерка, но што со тоа?

Една ваква тема бара навистина длабока доживеаност, бара вистински емоции, бара приказна, бара чувства откорнати од градите, бара игра, развој, емотивен развој, бара контекст, бара познавање и разбирање на психата, како на женската, така и на машката, на крајот, психата на човекот, воопшто. Во филмот има толку бесмислени сцени кои немаат врска со реалноста. А голем проблем е и кога во ваква тема имате толку предрасуди и кога е однапред предвидено како работите треба да се развиваат. Затоа во нив и нема животност, не се природни, не се реални, не се почувствувани. Тие вака замислени ситуации создаваат некакви фрагменти за нешто кое ја нема ниту дефинираноста, ниту заокруженоста, затоа што, без оглед на формата, едноставно недостига приказната. Ако споредиме со фрагментарноста во „Пред дождот“ тогаш слободно можеме да кажеме дека овој филм нема никаква врска со тој, ниту пак успева да ја постигне таа целовитост, дефинираност, развој, исцртани карактери, мноштво приказни кои се насетуваат, мноштво алузии и теми кои на крајот ја заокружуваат базичната приказна, затоа што има идеја, носечка идеја.

Оваа тема која Манчевски ја одбрал бара срченост, бара разбирање, бара поистоветување, бара понирање, бара природност во течението на приказните, без оглед на структурата, бара реалистичност, бара да им веруваме, да можеме да ги доживееме, да допрат до нас, не со темата, туку со играта, со емоцијата, со нивното преживување на сето она низ кое минуваат, со нивната вистинска, доживеана болка, онаа внатрешна, невидлива. Конструкцијата може да биде и совршена, што не е, но таа не може да предизвика било што од дистанца и од еден таков неприроден пристап кон темата. Затоа неговите ликови одат од една до друга крајност, во ситуација на толку предвидливи и стереотипни околности и дијалози полни со флоскули, каде што оној формален обид да се поврзат нештата и да ја имаат целовистоста, делува толку аматерски. Жално е што неговите ликови се кршат, но не поради судбината или нивната приказна, туку поради некакви замислени состојби кои треба да ни ја доловат болката, тагата, борбата, силината, подготвеноста за секаков ризик. За што? Веќе во самиот старт тоа е тема која е силна кога е животна, но тотално промашена кога е безживотна. Не можете значењата да ги извадите од замислени ситуации, нив може да ги донесе само животот. А животот во „Врба“ целосно недостига.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ