сабота, јули 27, 2024
домаКујнаРецитал на пијанистот Дино Имери во Македонската филхармонија

Рецитал на пијанистот Дино Имери во Македонската филхармонија

Во Камерната сала на Македонската филхармонија, на 20 декември (среда) во 20 часот, ќе се одржи рецитал на македонскиот истакнат пијанист Дино Имери. Концертот е поделен во два дела, од кои во првиот ќе биде изведена Сонатата во h-moll од Франц Лист, додека во вториот дел Сонатата бр. 2 во b-moll од Сергеј Рахмањинов.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude. Во својата досегашна дејност, Имери имал многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијанофортисимо“, спектакуларен концерт што поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр. 3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Франција, Приштина, Австрија… Дино Имери се вбројува во десетте најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво успешен во својата родна земја, во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 година го добива признанието Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано-програма – проект што му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 година го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со оркестарот „Фејмс“ за снимање филмска музика. Во 2015 година бележи големи меѓународни успеси, меѓу кои и неговото деби со Софискиот филхармониски оркестар што резултира со покана за настап повторно со истиот оркестар истата година. Во 2015 година, Имери првпат настапува со Македонската опера и балет во балетската претстава „Огнени градини“ под диригентство на Јозеп Вицент и Бисера Чадловска, а во кореографија на Xејмс Амар. Редовно одржува рецитали, а е активен и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли. Дино Имери остварува бројни соработки и со Македонската филхармонија, меѓу кои и настапот на свечениот концерт за отворање на сезоната годинава, на кој младиот пијанист пред илјадната публика го изведе Концертот бр.1 за пијано и оркестар од П. И. Чајковски, изведба за која домашната критика се изрази во суперлативи („Генијална беше оваа солистичка изведба на концертот од Чајковски“ – Ангелина Димоска, „Нова Македонија“; или пак „Со овој настап солистот докажа дека веќе не е млад и ветувачки пијанист, туку созреан и докажан виртуоз кој го очекува меѓународна кариера“ – Журнал).

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ