Наградата на Британската академија на филмски уметности за најдобар филм му беше доделена на црно-белиот филм „Рома“ од мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон, а за најдобар британски филм беше прогласен „Миленичка“ на Јоргос Лантимос.
На синоќешното доделување на наградите Бафта, Алфонсо Куарон ја доби наградата за најдобар режисер.
Реми Малек беше награден за најдобра машка улога во „Боемска рапсодија“, додека наградата за најдобра женска улога ја освои Оливија Колман за улогата во филмот „Миленичка“.
Овој филм имаше дури 12 номинации, а победи во седум категории.
На свеченото доделување на наградите во Ројал Алберт Хол присуствуваа британскиот принц Вилијам со сопругата Кејт, како и бројни холивудски ѕвезди и познати личности.