сабота, јули 27, 2024
домаНасловнаСАФЕТ КАМБЕР, НОВИНАР И ФИЛМСКИ РАБОТНИК: Бев дел од епските моменти на...

САФЕТ КАМБЕР, НОВИНАР И ФИЛМСКИ РАБОТНИК: Бев дел од епските моменти на нашата земја, а сега сум неправедно деградиран!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Бил дел од филмовите на славниот Емир Кустурица, од театарот на легендарниот Рахим Бурхан, известувач – новинар од осамостојувањето на Македонија, но, и од најдоброто и најтажното за ромската заедница. Активен уште од тинејџерски денови, прв Ром носител на штафетата во Шуто Оризари, претседател на младинска организација, акцијаш. Новинар за почит.

*За да се разговара со Вас, навистина на човек му останува да се праша од каде да почне. Многу минат труд, многу дела, многу ангажмани, со вклученост во општеството од свои тинејџерски 14 години. Но, ајде да почнеме по некој хронолошки редослед. Господине Сафет Камбер, вие сте новинар и слободно да речам еден од основачите на Ромската редакција на МТВ. Ајде да почнеме од таа тема! 

-Благодарам на довербата што ми ја укажавте да направите интервју со мене, се надевам барем начелно ќе опфатам се во моите одговори. Да, како што и самата рековте почнувам да бидам активен уште во основното училиште “Браќа Рамиз Хамид”, каде членував во повеќе секции. И, благодарение на мојата наставничка Јелица Маринковиќ јас повеќе ја засакав литературната секција, за прв пат настапив со еден грандиозен рецитал со моите школски другарчиња и тогаш тој прв громогласен аплауз ми даде поттик да продолжам и понатаму. Започнав како активист во младинската организација и во исто време и во извидничкиот одред “Браќа Рамиз Хамид”. Тогаш, во тоа време извидниците беа во тренд и благодарение на мојот братучед кој го основаше тој извиднички одред, станав четоводник. Дружењето на младите од двете основни училишта ми даде инспирација да ја збогатам мојата програма со активирање на сите тие млади лица во младинска организација, предводена од Северџан Абаз. Бевме навистина многу активни, преку нашите формирани секции учествувавме насекаде. И тогаш имаше млади и успешни Роми, но тешко беше да се запишат на некој факултет, така и јас занесувајќи се со многу активности останав без факултет, иако со успех  завршувам средно образование во АСУЦ “Боро Петрушевски” во Скопје.

*Вашите новинарски ангажмани, почнувајќи од МТВ се бројни.  МРТВ, па Радио Рома на Дарко Мијалковски, Радио и Тв Атланта, Тв Шутел и Тв БТР. Навистина импресивна листа. Кои теми ги покривавте, во кој дел од новинарството бевте најприсутен во вашиот најплоден авторски период? 

-Хм. Се сеќавам на Рамо Рушидовски ни беше лектор по ромски јазик, Ферус Мустафов беше музички уредник, додека Гунес Мустафа беше организатор и во радиото и во телевизијата. Тогашната радио редакција ја сочинуваа Гунер Абдула- уредник, Мануела Куртис и Бенита Алит. Потоа дојдов во МТВ. Јас како прв спикер во МТВ ги читав само вестите на оф тон, и, се сеќавам мој прв прилог односно известување  беше за време на референдумот за осамостојување на нашата држава. Тогаш бев испратен да известувам од Штип. Имав некоја резерва на несигурност во мене и како и самиот да се плашев да не направам грешки. Благодарение на тогашниот новинар, Павле од Штип, за жал веќе не е меѓу нас, успеав да ја испратам првата информација уште во раните утрински часови. Тогаш во МРТВ имаше отворено студио и сите известувавме од по некој град. Тие чувства ме направија да бидам уште поцврст и повеќе да верувам во себе. Потоа работев на многу “чувствителни” теми врзани со ромскиот живот, и, за жал многу мои прилози беа “полни” со сиромаштија.  Дури знам за колку беше болно, за еден прилог што го имам направено за ТВ БТР, за една малолетна девојка од Битола од населбата Баир, која беше принудена да скокне од четврти кат, бегајќи од рацете на возрасните силувачи. Но знаете како, сиромаштијата си го прави своето… Влегував секаде, во секое сокаче, во секое маало каде што се населени Ромите, се трудев да го извадам максимумот од секоја информација. Се радував на секој нов студент Ром, памтам со мојот колега Исен Бајрами одевме секој втор тред ден да изнаоѓаме нова сторија за нов студент. Во ТВ БТР имав своја емисија која ја уредував “Романи Хроника”. Тука ги третирав сите ромски проблематики, вклучувајќи ги и младите на кои им помагавме заедно со невладината “Хера” да се оттргат од наркоманија, алкохолизам и проституција. Имав и еден документарец токму  за еден зависник од дрога,  кој сега веќе за жал е починат. Но, имав и ведри прилози, како веќе што напоменав, со успешни и истакнати Роми. Всушност додека работев како новинар се откривав самиот себеси и го запознавав мојот народ.

*Освен богатата кариера на новинар, за која накратко ни раскажавте, Вие на едно издание на филмскиот фестивал “Златно тркало” бевте одликуван со награда и за поддржување на филмската уметност. Како почнавте да работите и на играни филмови? 

-Што се однесува до мојот ангажман во играните филмови, започнав како пионер во играниот филм на Емир Кустурица  “Дом за бесење”, благодарение на моите пријатели Сами Осман и Џемаил Имер како и големата поддршка на починатиот актер Рејан (Шулц). Се запознав и со првата асистентка Маја Гардиновацки и кастинг менаџерот Слободан Дедеиќ-Бобан, кому најмногу сум му благодарен. Всушност јас сум “негово школо” , за прв пат бев асистент на водачот на статисти Имер Џемаил, работевме неуморно бевме како едно семејство, имавме многу масовни сцени и мислам дека тука и го испеков занаетот. Потоа, по долга пауза, се запознав со Ѓорги Ѓоргиевски – Џокер скопска легенда, кого навистина многу го почитував, тој ме запознава со Столе Попов. Најпрвин го преведов на ромски јазик сценариото на филмот ” Џипси Меџик” за да потоа работам на кастинг заедно со тогашните негови студенти, односно негови асистенти Александар Поповски и Дарко Митревски. Беа познати по тогашниот популарен серијал “Уа шнајдери”, сега се врвни режисери  едниот театарски, додека Дарко е филмски режисер, а влегов да работам во неговиот филм “Трето Полувреме”. Но, за жал, тогаш Александар и Дарко ја напуштаат екипата и  нив ги заменува мојот драг пријател Бобан Дедеиќ, и повторно во “Џипси Меџик” неуморна но многу успешна работа. И по завршувањето на филмот на Столе Попов, со Бобан работевме на кастингот на ликови за филмот ” Црна мачка, бел мачор”  на Емир Кустурица. Верувајте, за ликот на Буба Мара моравме да заминеме дури во Бугарија. Ја испревртевме цела Македонија за да на крај ја најдеме на сред скопска Топаана. Тука го наоѓаме и др. Колјо во улога на Матко, Забит Мемедовски ја играше улогата на таткото на Матко, Сулејман Сабри ја играше улогата на таткото на Грга велики-Јашар Дестанов и Грга мали- Аднан Бекиров. Ирфан Јагли и Асим, наши Скопјани, беа исто така од кастингот на Бобан Дедеиќ. Тогаш наполнивме цел автобус и ги однесовме во Белград. Таму се видовме повторно со Емир, ме прегрна и ми рече “Јас тебе не те заборавив но името ти го заборавив”. И, така, во тој филм покрај тоа што работевме на кастингот на Кустурица, јас исто го преведов сценариото на филмот и бев лектор во филмот.

*Се случувале интересни моменти. Што ви остана најдрага тајна? 

-Морам да откријам една тајна додека го снимавме филмот, сега за жал починатиот Забит Мемедовски, не можеше да снима ни еден кадар без мое присуство. Јас му бев потпора и тоа многу ме радува, бев радосен кога ми доаѓаа актерите Бранка Катиќ и Срѓан Тодоровиќ да ги учам ромскиот јазик. Беа перфектни другари, честопати одев кај нив дома да ги учам. На крајот од филмот по извесно време повторно заминувам во Белград да го работам титлувањето на филмот, во филмскиот град Кошутњак во продукцијата ” Комуна”. Пријателството се развиваше уште повеќе. Неле Карајлиќ често пати знаеше да се пошегува со мене “Земи си го креветот и остани тука да спиеш. Многу работиш, одморај малку”. Но, јас и тој проект успешно го завршив. Потоа следуваа премиери  “прикажувања по градови на филмот” Црна Мачка бел мачор”. Во 1998 година се раѓа мојот син Сенат, мојата сопруга е со него во акушерска болница во Чаир јас ги оставам и заминувам на големата премиера во Жабљак во Црна Гора. Со нас беше и Шабан  Бајрамовиќ, а по прикажувањето на премиерата дојде господинот Мило Ѓукановиќ, заедно со Кустурица ја сечеа огромната торта со лик на црна мачка и бел мачор, и славевме до зори. Не се заборават тие моменти.

*Снимавте уште доста други филмови. Кои?

-Потоа се редеа филмови, работев најмногу со Бобан Дедеиќ. Го засакав филмот, понекогаш колегите ќе ми побараа мала помош за некои епизодни улоги и така течеа годините се редеа филмовите “Големата Вода”, “Духот на баба Илонка” , “Трето Полувреме”, “Медена ноќ”. Верувајте ни јас не можам да се присетам на сите. Исто така го работев филмот “Шампионите на Шутка”, којшто за доста наши Роми е контроверзен. Еве прилика да кажам и за овој филм неколку збора. Имено со режисерот на филмот се запознавме јас и мојот пријател др.Колјо преку нашиот пријател од  Дедеиќ, кој му раскажа за многу позитивната атмосфера во Шуто Оризари. Всушност му ги евоцираше своите спомени за добронамерните Роми во оваа населба, него тој разговор го заинтригира и дојде во Скопје да ја види Шутка. Нашиот разговор тогаш водеше кон тоа да се направи филм кој ќе ги отсликува Ромите на многу позитивен начин. Да кажеме, постоеше бурекџилницата на чичко Бајрам, слаткарницата на браќата Асим и Мухарем, кои не беа Роми а остареа со Ромите и нивните навики.  Таков став изградивме и со тогашниот градоначалник кој во тоа време беше и сопственик во Тв Шутел а јас работев како новинар во тој медиум. Но додека тој се шеташе низ Шутка се среќаваше од ден на ден со личности кои сакаа сами да се истакнуваат, всушност тој ја пронајде тајната на ромскиот ген, за жал повеќето Роми сакаат самите себе си да се пофалат и да кажат дека тој е најдобриот од него нема подобар. Тоа се забележува и во филмот дека сите тие ликови самите себеси се нарекуваат шампиони, па и од тука произлегува и насловот на филмот “Шампионите на Шутка”. За жал тој феномен и денес можеме да го пронаоѓаме.  Овој филм добива многу награди и пофалби насекаде но кај нас не затоа што тогашниот градоначалник без да го види филмот прошири противкампања за филмот и Ромите го примија неговото влијание, за да сега  на некои им биде се уште контроверзен, но како и да е животот тече и понатаму.

*Учествувавте и на меѓународни фестивали…

-На меѓународниот фестивал на Ромите “Кхаморо” во 2002 година имавме прилика да ја  преставуваме Македонија јас тогаш бев во улога на организатор од Македонија и воеедно известував за МРТВ за емисијата “Бијандипе”. Инаку со мене нашата држава  ја преставуваа и оркестарот на “Браќата Кадриеви” од Штип кои исто така свиреа во филмот “Дом за бесење”.

*Неодамна онлајн бевте гостин на  ЕУ ромска  телевизија, на која разговаравте на тема минато време и за вашите активности, воопшто. Ги наброивте и фактите дека како Ром сте прв носител на сојузна штафета во Шуто Оризари, потоа вашите севкупни активности како претседател на младина, вашата активност околу книжевната младина… 

-Да одговарам на Вашето прашање, така е, јас бев единствен Ром кој за прв пат ја прима штафетата на младоста во тогашната населба Шуто Оризари и бев многу горд, а таа гордост ја чувствувавме сите и моите роднини и моите пријатели и моите другарчиња. А, додека учев средно образование бев претседател на Младинска организација во Шуто Оризари. Тогаш, се сеќавам, на големата акција што ја организиравме по повод смрта на претседателот Јосип Броз Тито засадивме 88 садници, направивме голем парк со садници на местото на сегашната поликлиника во Шуто Оризари. Учествувавме на Сојузните работни акции. Јас бев испратен на семинар во Охрид, таму ми предаваа тогашни врвни политичари и професори, како се господинот Урош Андреевски, Васка Дуганова, Васил Топурковски и уште многу од нив. Бев единствен Ром во тоа време. Со доаѓањето на плуралистичкиот систем во државата се формира првата ромска партија ПЦЕРМ на која партија сите Роми од Македонија се гордееја. Особена чест ни беше што таа партија ја водеше господинот Абди Фаиќ, кој беше во тогашно време директор во секторот за економија во големата фабрика за производство на хартија “Комуна” – Скопје. Тој во тогашно време вработи доста Роми, и за прв пат во историјата на Ромите ја формиравме Ромската радио и ТВ Редакција “Бијандипе” во рамките на МРТВ. Мислам дека тоа ни беше сон на сите. Иако бевме само еднаш неделно со 10 минутно емитување бевме многу горди и работевме неуморно, се боревме со идеи за подобри и поквалитетни прилози. Генерален директор беше Тихомир Илиевски и по него дојде Слободан Трајковски главен и одговорен уредник ни беше Ана Пановска, беше навистина строга жена, но многу успешна. Потоа со нас работеше господинот Аргировски, поранешниот претседател на сојузот на пензионерите. Јас тука влегов во втората група, во екипата во која, покрај колегите кои ги споменав, беа уште и Неждет Мустафа , Демир Хусеин и Барие Тахир.

*Посебно внимание, во ТВ гостувањето, посветивте на темите за културниот идентитет на Ромите во минатото и сегашноста, но и за тоа што сега има повеќе ромски партии кои ја кратат можноста за да се влезе во државните институции, а позборувавте и за асимилацијата на Ромите.

-Околу културниот идентитет би рекол дека јас пораснав и остарев со тоа. Поезијата, театарот и филмот ми се животна водилка. Таа љубов еднаш се раѓа во човекот и никогаш не згаснува. Многу сум им благодарен на сите мои постари пријатели кои во тогашно време ме прифатија и ми ги вметнаа тој жар морам да го напоменам мојот драг пријател Зекир Дисоран, моите пријатели Мустафа Рамче, Селим Азис, Оскар Мамут,  Илјаз Шабан и нека не ми замеруваат другите навистина многумина се ,тие самите ќе се препознаат во овој мој одговор.

*Не го изоставивте ни делот за просперитетот на помладата генерација кои сега се високообразовани, но не влегуваат во политиката, остануваат во невладиниот сектор. 

-Сега кога ќе ги видам во високи позиции тогашните студенти кои несебично делуваа кон воздигнувањето на образованието кон ромската популација верувајте полна ми е душата. Морам некои од нив да напоменам кои навистина ми помагаа во тоа време Реџеп Али Цупи, Рамчо Кундески, Сенат од Делчево, Фатма Бајрам Аземовска, Ариф Пини, Фатима Османовска, имаше голем број од нив кои денес станаа многу успешни и помагаат се уште во воздигнувањето на ромската популација.

*Зборувавте и за формирањето на театарот “Студент”, кој истиот потоа се преименува во театар “Рома”.

-Околу формирањето на театарот “Рома”, бевме многу млади, идоли ни беа театарот на Рахим Бурхан “Пралипе”, го третиравме и битовиот стил и психофизичкиот стил. Мојата прва улога беше во преставата “Џелем, џелем” ја игравме во театарот на народностите. Имавме огромен број на публика дури немаше место за сите моравме да ја одиграме преставата повторно за тие што немаа можност да ја гледат. Играв татко на малолетно дете кое го женам, го игравме менталитетот на номадите. Бев дете со неполни 15 години, со таа претстава се роди и љубовта кон театарот. Потоа се нижеа престави и улоги, за  на крај да завршам во преставата на Рахим Бурхан”Једзупка”. Ја подготвувавме во Будва за Будванскиот театарски фестивал, и требаше да заминам со нив во Германија. Тогаш тие потпишаа договор со Роберто Цули од “Ан де Рур” театарот од Германија, но јас  бев спречен од мои лични причини.

*Кога станува збор за театрите, неизбежно беше да се спомене театарската легенда, режисерот со меѓународни успеси, господинот Рахим Бурхан. Особено што разговорот беше емитуван на германски медиум, каде и всушност живее господинот Бурхан. Кажете ни нешто за него.

-Морам да признам, Рахим Бурхан се вбројува меѓу врвните светски режисери во театарот и секако дека и тука му ја изразувам мојата наклонетост и благодарност, како за него така и за целата тогашна актерска екипа, беа навистина прекрасни пријатели. И до ден денес комуницираме и се почитуваме.

*Вие сте енциклопедија, човек полн со знаење, активности, кредибилитет, но работите работа во ГТЦ која нема врска со вашата професија, тоа е за гола егзистенција. Како ја поднесувате таа неправда од страна на општеството?

-Тука ќе кажам дека што се однесува до влијанието на политиката на ромските политичари навистина се чудам, ја гледам истата состојба и денес поточно секој си го влече јажето на своја страна и ништо не се подобрува. За жал морам да кажам дека сум разочаран, го “изгубив” мојот живот напразно, никогаш не сум го гледал мојот живот или моите активност низ призма  на мој интерес или да се збогатам, напротив останав сиромашен работев за одредени луѓе за безвредни пари, а тие пак ни најмалку да го почитуваат моето минато и мојот вложен труд. Наместо почит и ден денес добивам деградирања и укори дури и по цена на мојата егзистенција, се уште ме притиснуваат и бараат од мене да залепам некој плакат или да присоберам некој глас, ако до толку заслужив нека им биде на чест на сите тие кои што ме деградираа и ме деградираат до ден денешен.

*Имате поддршка од сопругата во се, и од семејството и пријателите. Од Ромите кои ве опкружуваат. Јас, искрено, многу повеќе ве гледам како некој иден пратеник или човек кој своето богато искуство би го пренесувал како советник во некоја државна институција. Барем за прашањето на Ромите. Какви се изгледите за остварување на оваа моја визија?

– Благодарен сум му на Бога што се уште постојат пријатели кои се во незначителен број, но кои сепак покажуваат  респект кон мене и моето минато време, тоа е моето богатство.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ