сабота, ноември 16, 2024
домаКУЛТУРАMузика, Опера, БалетСалса ансамблот „Меркадонегро“ со роденденски концерт вечерва на 64. „Охридско лето“

Салса ансамблот „Меркадонегро“ со роденденски концерт вечерва на 64. „Охридско лето“

Фузија од традиционалните ритми низ Латинска Америка, ќе донесат музичарите од различни земји обединети во салса ансамблот „Меркадонегро“ вечерва од 21 часот на концертот на Долни Сарај за 64-от роденден на фестивалот „Охридско лето“.

Директорката на фестивалот Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција по повод роденденскиот концерт истакна дека одговорноста е голема и предизвикувачка да се втепели она што го создале генерации претходно, но и да се збогатува културната понуда која во изминатите 64 години го издигна Охрид не само како духовна туку и како културна престолнина. „Охридско лето“ е уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметничките креации од целиот свет, а тука од фестивалската сцена, посочи таа, секоја година се обединуваат различните култури оставајќи неизбришлива трага за идните генерации.

-Огромна е благодарноста до сите оние кои со својот настап го воздигнале фестивалот, славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители на уметноста, но и до сите оние кои неуморно работеле и ја граделе успешната приказна на „Охридско лето“. Фестивалот е врвна културна сцена, место каде музиката и театарот ја надополнуваат богатата  традиција. Фестивалската програма и на ова, 64-то „Охридско лето“ предизвикува воодушевување кај љубителите на врвната уметност а тоа е доказ дека сме доследни на заложбите да ја градиме и надополнуваме магијата која извира од оваа сцена. Денеска ги славиме годините испишани со богата историја, со славни имиња од светската музичка и театарска елита, рече директорката Поповиќ, изразувајќи благодарност до сите кои се втемелиле во досегашната историја на „Охридско лето“, со посебна почит до првенката Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 година со првиот концерт во црквата „Света Софија“ го создаде највредното нешто кое го имаме и кое го славиме со нејзиното име.

Селекторката на музичката програма Бисера Чадловска, посочи дека сега на половина од фестивалската програма, имало одлични изведби од домашни и интернационални музички изведувачи, а посебно се заблагодари до нашите уметници кои во два наврати „спасија“ два концерти Дино Имери и Андреј Наунов, што е уште еднаш доказ дека сме рамо до рамо си сите странски музички изведувачи. Не очекуваат уште 20 дена исполнети со интернационални вечери, но и домашни изведувачи, кои како што посочи ќе заокружат уште едно успешно издание на овој голем фестивал со кој треба да се гордееме како држава.

Селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска, посочи дека до роденденскиот датум на „Охридско лето“ се реализираа две третини од драмската програма, со дури три тетарски премиери на фестивалот после подолго време.

-Поминаа две третини од театарската програма, ја видовме „Имакулата“ во режија на Ливија Пандур а во продукција на СНГ Драма Марибор, ја имавме „Галеб“ на Битолскиот народен театар, ја имавме „Крал Лир“  на „Лит Мун театар компани“ од Санта Барбара во режија на Џон Блондел и пред некој ден,  ја имавме и извонредната премиера на претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Велешкиот театар. Го имавме и Никола Ѓуричко со неговиот стен-ап кој и тоа како има неверојатна врска со театарот односно претставуваше една мононографија на неговите театарски искуства во Југословенското драмско позориште – рече Арсовска, најавувајќи дека до крајот на ова фестивалско издание остануваат уште две театарски претстави, „Лет над кукавичкото гнездо“  со Драмски театар Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенско драмско позориште од Белград која на 20 август ќе ја спушти и завесата на ова фестивалско издание. 

Салса ансамблот „Меркадонегро“ оформен од Армандо Миранда, како што посочи тој е составен од музичари од различни делови на Латинска Америка и секој од нив носи сопствени традиционални  специфики, кои ќе и бидат презентирани на публиката како и нешто специјално од Грција и Италија.

-Како водач на бендот, среќен сум што сум што сум првпат во Македонија и што првпат настапуваме на „Охридско лето“. Со нетпение чекам да настапиме вечер и да ја презентираме нашата музика пред публиката на фестивалот – рече Миранда, кој сподели дека исто така денеска слави роденден кој ќе го прослави уникатно со публиката на вечерашниот концерт.

Родриго Родригез, член на бендот, зборувајќи за програмата, посочи дека се многу возбудени за нивниот настап бидејќи го подготвиле специјално за фестивалската публика. 

-Ќе направиме едно патување низ Латинска Америка токму преку музиката.  Сакаме целата публиката да биде дел од нашето музичко патување и да им ги покажеме нашите музички корени – истакна Родригез на денешната прес-конфренција.

Ансамблот го одликува „заразната“ енергија на сцената, поради што се препознаени како една од најдобрите салса групи во Европа. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ