Според веб-страницата „Ај-ју-ер“ (IQAir), жителите на главниот град на Србија дишат воздух кој е оценет како „нездрав“, додека квалитетот на воздухот во Чачак е оценет како „опасен по здравјето“. Освен Белград, меѓу првите пет градови во светот по загаденост се и Загреб и Сараево. На деветтото и десеттото место по загаденост се најдоа Скопје и Софија.
Во сите белградски општини, според податоците на „Беоеко“, воздухот е означен со црвено како загаден. Тоа значи дека нивото на PM 2,5 надминува 55,01 единица. Од „Беоеко“ наведуваат дека поради ваквиот воздух може да се појават здравствени проблеми кај целото население, при што ранливите групи (стари, деца, лица со срцеви и белодробни заболувања) имаат посериозни здравствени проблеми од здравите.
Затоа, на ранливите групи им се препорачува да избегнуваат напорни активности на отворено и да вршат активности во затворени простории додека не се подобри квалитетот на воздухот. За останатите во популацијата се препорачува скратување на должината и интензитетот на напорните активности, како и почести паузи во сите активности на отворено, пренесе „РТС“.
Според податоците на „Ај-ју-ер“ во Чачак, концентрацијата на загадувачките честички ПМ 2,5 е „многу нездрава“ и, како што се наведува, околу 9 часот е 46,9 пати поголема од вредноста што ја пропишува Светската здравствена организација.
Според податоците од тој локалитет, концентрацијата на ПМ 2,5 е 284 единици, додека во Белград е 163. Покрај Белград, на листата на најзагадени градови се и Загреб и Сараево, а меѓу „првите“ десет се најдоа уште два града од регионот, Скопје и Софија. Во Загреб концентрацијата е 169 единици, пред него е Сараево – 196, а на деветто и десетто мессто се Скопје и Софија – 157. А.Н.