Спасувачките служби соопштија дека не веруваат дека некој од авионот на компанијата „Лајон Ер“ кој се урна во морето во Индонезија, ја преживеал трагедијата. Авионот падна само 13 минути по полетувањето од аеродромот во Џакарта, а во него имаше 189 патници и членови на екипажот.
Портпаролот на Агенцијата за спасување на Индонезија, Јусуф Латиф, изјави дека се урна авион од типот „Боинг 737 MAX 8“, што е прва несреќа на тој тип авиони од почетокот на производството.
Како што објавија светските медиуми, овој тип на авиони првпат беше претставен во мај 2017 година. Авионот кој беше на летот JT610 до падот имаше само 800 часа летање.
На сервисот за следење летови „Флајтрадар24“ беше објавено дека непосредно пред губење на контакт меѓу авионот и контролата на летање дошло до значителен пад на висината и забрзување на авионот.
Исто така беше наведено дека авионот паднал само 13 минути по полетувањето од Џакарта кон градот Панкал Пинганг на островот Суматра, што е лет од околу еден час.
„Сè уште не се осмелуваме да кажеме што се случило, или што не се случило, ние сме збунети бидејќи ова беше нов авион“, изјавиле за Ројтерс од компанијата „Лајон Ер“.
Компанијата соопшти дека авионот бил исправен и дека пилотот и копилотот имале досега 11.000 часа летање. Комитетот за безбедност во сообраќајот изјави дека причината за несреќата не може да се потврди додека не се најдат црните кутии. Што се однесува до метеоролошките услови, во моментот кога се случила несреќата, небото било ведро.