Училиштата ќе бидат затворени денеска, а тимови за цивилна заштита и други служби за итни случаи беа распоредени на култниот грчки остров Санторини, откако серијата од 200 земјотреси ја потресоа популарната туристичка дестинација во последните денови што ја зголеми загриженоста дека е можен посилен земјотрес.
„Ова се мерки на претпазливост и властите ќе останат будни“, изјави доцна синоќа министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас по вонредната владина седница во Атина. Тој ги повика граѓаните да се придржуваат до безбедносните препораки за да се минимизира ризикот, пренесе Бета.
Властите исто така ги советуваа жителите да избегнуваат големи собири во затворени простории и да се држат настрана од неколку пристаништа, вклучително и старото пристаниште Фира, веднаш под главниот град на островот, пренесува Н1.
Спасувачките екипи на противпожарната единица со кучиња трагачи пристигнаа синоќа и поставија шатори во парковите и другите јавни површини.
Училиштата ќе бидат затворени и на блиските егејски острови Анафи, Иос и Аморгос, соопштија властите во неделата.
Помеѓу петокот и неделата, повеќе од 200 земјотреси беа регистрирани меѓу Санторини и Аморгос, вклучително и земјотрес со јачина од 4,6 степени според Рихтер, најсилниот досега, според властите.
Земјотресите не се непознати за Санторини бидејќи се наоѓа на неколку раседи. Ризикот од земјотреси не ги спречува 3,4 милиони луѓе да го посетуваат островот секоја година – што е многу повеќе од 20.000 жители на Санторини.
Оваа дестинација за одмор, позната по својата калдера во форма на полумесечина, која е создадена од една од најголемите познати вулкански ерупции пред околу 3.600 години, е наречена грчкиот „Инстаграм остров“ поради својата фотогенична златна светлина и глетка.
Комитетот за итни случаи се состана во неделата за да ги процени ризиците од последните земјотреси, а друг состанок е закажан за понеделник.
Санторини е дел од Грчкиот вулкански лак, едно од најактивните вулкански полиња во Европа, кое доживеало повеќе од 100 ерупции во изминатите 400.000 години.
Властите соопштија дека сегашната сеизмичка активност била предизвикана од тектонски движења кои се чини дека не се поврзани со вулканска активност. Слично на тоа, зголемената сеизмичка активност во 2011 и 2012 година не резултираше со никакви ерупции, посочија тие.
Последниот голем земјотрес во Санторини се случи на 9 јули 1956 година. По земјотресот од 7,5 степени следеше цунами високо 25 метри. Најмалку 53 лица загинаа, а повеќе од 100 беа повредени, додека најмалку една третина од куќите се урнаа. А.Н.