Повеќето од деветте бомбаши самоубијци кои во неделата нападнаа цркви и хотели во Коломбо, главниот град на Шри Ланка, и притоа загинаа повеќе од 350 луѓе, биле образовани луѓе, а некои од економски силни семејства, изјави во средата министерот за одбрана на оваа азиска земја Рубен Вијеварден. Тој посочи дека се идентификувани осум од деветте напаѓачите на три цркви и четири хотели и дека меѓу нив е една жена, а медиумите и агенциите велат дека таа била сопруга на еден од напаѓачите. Исто така, се тврди дека некои од напаѓачите биле претходно апсени, но дека се работело за мали прекршоци.
„Поголемиот дел од напаѓачите имале високо образование и потекнувале од економски моќни семејства. Некои од нив биле образовани надвор од земјата“, рекол Вијеварден, пренесува Ројтерс.
„За еден од нив, знаеме дека прво престојувал во Велика Британија, па во Австралија, каде што дипломирал на Правниот факултет. Странските партнери, вклучувајќи ги Велика Британија, помагаат во оваа истрага.“
Министерот еден ден претходно рече во државниот парламент дека две вооружени групи во Шри Ланка, националниот „Thawheed Jama’ut – NTJ“ и „Jammiyathul Millathu Ibrahim – JMI“ се одговорни за нападите, иако истиот ден одговорноста за нападот ја презеде вооружена група Исламска држава Ирак и Левант – ИСИЛ, иако не понуди докази за тоа.
Во средата, Вијеварден додаде дека лидерот на една од овие локални групи се разнесол при нападот на луксузниот хотел Шангри-Ла во Колумбо.
Големината и деталните подготовки на нападите во неделата на цркви и хотели сугерира вклучување на надворешни групи како што се ИСИЛ, во средата изјави американскиот амбасадор во Шри Ланка Алаина Теплиц.
„Ако се погледне обемноста на нападот, нивото на координација, софистицираноста на нападите, не е неверојатно да се помисли дека иам врска со странци. Потврдувањето за можните врски ќе биде дел од истрагата“, рече Теплиц, додавајќи дека Американското Федерално истражно биро – ФБИ и американската војска се приклучиле на истрагата.
„Се надеваме дека, со заеднички напори ќе се најдат оние кои стојат зад нападот, оние кои соработувале со нив, сите странски врски со цел да се спречи повторување на вакви настани во иднина.“
Полицијата во средата објави дека бројот на загинати се зголемил од 321 на 359, што го направи нападот во неделата најсмртоносниот во историјата на Јужна Азија. Околу 500 луѓе беа повредени. Вкупно 60 лица се приведени на сослушување ширум Коломбо од неделата, рече Вијеварден, а извори од силите за безбедност изјавија дека меѓу уапсените е еден сириец.