петок, декември 20, 2024
домаНаше БебеШто е епилепсија?

Што е епилепсија?

"Наше Бебе" во соработка со приватната градинка "СВЕТОТ НА КОЛОРЕС" објавува серијa текстови за едукацијата на децата во предшколска возраст.

Родителите на деца со епилепсија опишуваат различни предизвици со кои нивните деца се соочуваат во воспитно-образовниот систем. Персоналот во градинките и училиштата можеби има основни познавања за нападите и безбедносните мерки кои треба да се преземат, но се многу малку информирани за тоа како нападите влијаат врз учењето, емоционалното и социјалното однесување на детето.

Епилепсијата е невролошка состојба во која кај лицето се јавуваат напади кои почнуваат во мозокот. Но постојат и напади кои не се епилептични, односно не се предизвикани од попречена мозочна активност. Епилепсијата е нарушување кое вклучува и случаи кога нападите се добро контролирани со анти-епилептичка терапија, но сепак овие проблеми може да бидат присутни, како резултат на абнормална мозочна формација и функција. Епилептичката активност во мозокот продолжува, без притоа да се јават симптоми, или пак се појавуваат несакани ефекти од медикаментозната терапија.

mozak-doktor-epilepsija

Што се случува за време на нападот?

Постојат повеќе различни видови на епилептични напади и истите зависат од делот на мозокот кој е опфатен. Генерално, возрасните и децата имаат исти видови на напади. Различните напади вклучуваат конвулзии, повторувачки движења и несекојдневни сензации, како чуден вкус или мирис. Кај некои напади детето е свесно за тоа што се случува, а кај некои ја губи свесноста и нема никакви сеќавања за нападот, откако тој ќе заврши. Некои деца имаат напади во текот на спиењето, а следното утро се будат уморни и збунети.

Зашто моето дете има епилепсија?

Кај некои деца епилепсијата е последица на повреда на мозокот. Може да биде резултат на сериозна повреда на главата, потешкотии при раѓање или инфекција на мозокот. Додека пак некои деца имаат генетски предиспозиции. Може да биде наследена од еден или од двајцата родители. Децата во своите гени носат способност за отпорност на напади. Доколку оваа способност е помала од вообичаеното, децата се поподложни на напади, но не секогаш.

Дали епилепсијата ќе влијае врз животот на моето дете?

Како родител, можеби нема да бидете во состојба да предвидите како епилепсијата ќе влијае врз животот на вашето дете. Затоа, учењето на детето да управува со нападите и да биде отворено за своите чувства, може да направи позитивна промена. Помогнете им на вработените во градинката/училиштето да ја разберат состојбата, за да бидете сигурни дека го даваат својот максимум.

Предизвикувачи

Кај некои деца, нападите се јавуваат како резултат на стрес, возбуда, досада, испуштена терапија или недостаток на сон. Водењето дневник за нападите, може многу да помогне при одредување на причините. Откако ќе се открие причината за јавување на нападот, потребно е таа да се избегнува, за да се намали бројот на напади. Доволно сон и добро избалансираната исхрана, помагаат во одржување на здрав живот и може да ги намалат нападите.

Однесување

Кај некои деца може да се забележат промени во однесувањето. Тие може да станат иритабилни или повлечени. Други пак гласно говорат за тоа како се чувствуваат и бараат да бидат еднакво третирани со нивните врсници. Охрабрувањето на детето гласно да зборува за епилепсијата, може многу да му помогне. Потешкотиите во искажување на емоциите, но и во однесувањето, се многу присутни кај децата со епилепсија. Некои од почестите потешкотии се: анксиозност, депресија, иритабилност, хиперактивност, агресија и во некои случаи – напади на бес. Во една студија која го проучувала однесувањето на децата, шест месеци пред да имаат напад, 24,6% од децата пројавиле проблеми во однесувањето (најчесто потешкотии со вниманието).

Одмор

Повеќето деца со епилепсија може да учествуваат во истите активности како и другите деца. Преземањето едноставни мерки можат да помогнат детето да биде побезбедно при изведување на активностите, како на пример пливање или возење велосипед. На пример, со детето во тој момент да има некој кој знае како да реагира кога ќе дојде до напад.

Дали епилепсијата се менува како што растат децата?

Нападите може да се променат со текот на времето, по видот или фреквенцијата. Некои деца ја надминуваат епилепсијата во текот на тинејџерските години. Ова е наречено „спонтана ремисија“.

Како може да се чувствува моето дете?

За некои деца, епилепсијата нема никакво влијание врз нивниот секојдневен живот. За други пак може да биде страшно или тешко за разбирање. Може да се чувствуваат засрамено, изолирани или различно од врсниците. Повеќето деца со епилепсија ќе ги имаат истите надежи и соништа како врсниците, и нападите нема да ги спречат во нивната реализација.

Со кого можам да разговарам?

Ако вашето дете има дијагностицирана епилепсија, вие ќе имате многу грижи и прашања. Информациите и советите може да ги добиете од педијатар специјализиран за епилепсија кај деца или невролог. На некои луѓе особено им помага разговор со пријателите или семејството. Постојат и групи на родители чии деца имаат епилепсија, каде што си разменуваат информации и искуства.

Напади во училиште/градинка

Информирањето на вработените во училиштето/градинката за состојбата на детето, значи дека тие ќе знаат како да постапат во случај на напад. За некои деца, епилепсијата не влијае врз нивната способност за учење и постигнување академски вештини, но кај други може да има потреба од дополнително време и поддршка. Понекогаш, детето може да има потреба од одмор по нападот, па затоа е потребно да има тивок простор каде ќе може да се повлече и по потреба да отспие. Доколку сметате дека детето има потреба од дополнителна поддршка, разговарајте со одговорните лица.

Посебни образовни потреби или попреченост

Детето има посебни образовни потреби доколку има потешкотии во учењето или има попреченост која го отежнува процесот на учење. Ако вашето дете има потреба од дополнителна поддршка, обратете се до стручната служба во училиштето. Со нивна помош одблизу ќе ја следите состојбата на детето, а по потреба може да се ангажира и личен асистент, кој знае како да постапи кога ќе се случи напад.

Компјутери и светло

За повеќето луѓе со епилепсија, користењето на компјутер нема да предизвика напад. Но сепак постои одредена група, (5% од лицата со епилепсија  имаат фотосензитивна епилепсија) каде нападите се предизвикани од силни светла,  светла што трепкаат, или пак од геометриски шари, како шах или линии. Брзодвижечките слики на телевизијата може да бидат предизвикувач. Други фотосензитивни предизвикувачи се трепкачки сијалички и сончевата светлина низ ролетни, која создава шари.

Тестирање

Дали детето ќе има потешкотии при тестирањето, зависи лично од неговиот вид епилепсија. Ако детето може да има напад во стресни ситуации или во одреден период од денот, истото може да влијае врз резултатите кои ќе ги даде. Заморот или проблеми со меморијата или концентрацијата, исто така можат да влијаат врз резултатите.

Практични активности

Безбедноста е важна за сите деца, особено за време на практичните активности. Епилепсијата не ги спречува децата во изведувањето на активностите, се додека се безбедни. Одговорните лица треба да знаат како да дејствуваат во случај на напад.

Медицинска терапија и училиште

Повеќето деца со епилепсија земаат анти-епилептични лекови за да ги спречат нападите. Тие вообичаено, се пијат еднаш или два пати во денот, што значи дека истото се случува надвор од училиштето. Поради тоа детето може непречено да посетува настава, а родителите да не се грижат дали ќе ги испие лековите или не.

Како ќе се чувствуваат другите ученици во врска со епилепсијата?

Вообичаено, лицата се чувствуваат посигурно во врска со епилепсијата ако разбираат што се случува и знаат што да направат во случај на напад. Учењето за епилепсијата во училницата може да биде добар начин на презентирање на информациите за состојбата, без притоа децата со епилепсија да се чувствуваат исклучено од групата.

Епилепсијата е комплексно нарушување кое влијае врз повеќе аспекти од детскиот развој и функционирање. Како резултат, многу од овие деца имаат зголемен ризик од негативно искуство во училиште; потешкотии во социјалниот живот со врсниците; неадекватни социјални вештини и ниска самодоверба. Оттука, најважно е партнерството помеѓу едукаторите, семејството и здравствените работници. Тоа треба да се темели на план за успех, но и безбедносен план, менаџирање на емоционалните и социјалните потешкотии, како и развој на активната социјална интеграција и навремена евалуација.

Пишува:

дип. Специјален едукатор и рехабилитатор                                                                     во “Светот на Колорес”Стефани Накова

STEFANI PROFIL

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ