Што сè треба да има во училишната торба?

0
64

Без разлика дали вашето дете штотуку започнало со училиште или е во повисоките одделенија, она што му е секоја година неопходно се книги, тетратки, работни тетратки и друг училишен материјал. Еве неколку совети за родителите како полесно да го поминат овој период.

Секоја година е важно навреме да се информирате за тоа колку тетратки треба да обезбедите за вашето дете, за да може да ја следи наставата според програмата на училиштето. Книгите се веќе одредени според планот и програмата, но е добро да ги заштитите со корици. На тетратките исто така треба да ставите налепници за полесна ориентација.

Писарски прибор е уште една неопходност. Потребно е да обезбедите основен прибор, како што се моливи, гуми, острилка, боички, линијари и неколку хемиски моливи, како и резервни мини и патрони за моливите.

Приборот за цртање исто така е потребен на учениците, па е важно навреме да се обезбедат дрвени боички и фломастери, како и маркери во омилените бои на вашето дете. Со тоа задолжително оди и блок за цртање и боење. Пенкалото исто така се наоѓа во училишната торба и содржи сè што е потребно за пишување и боење, како и шестари, лепак, ножички и сл.

Ако купувате нов ранец или училишна торба, добро би било да обезбедите и мала торба во која вашето дете ќе го пакува здравиот оброк или ужината. Обезбедете му и шише за вода, за да се хидрира во текот на денот. Облеката за физичко образование според распоредот на часови е задолжителна, но е добро да се набават и лични предмети како што се марамчиња, капа за заштита од сонце или чадор.

Особено треба да обрнете внимание во торбата да се наоѓаат само книгите и тетратките кои се потребни според распоредот на тој ден, за детето да не носи и книги и тетратки кои останале од вчерашниот распоред на часови. Треба да се води сметка за тежината на ранецот, бидејќи живееме во време кога деформитетите на кичмата кај децата се многу честа појава и доколку е можно, тоа треба да се спречи.

С.Н.