петок, ноември 29, 2024
домаЖивотШто треба родителите да знаат за болеста што ја предизвикува корона вирусот...

Што треба родителите да знаат за болеста што ја предизвикува корона вирусот (КОВИД 19)

UNICEF на својата веб страна објави водич за коронавирусот и што треба родителите да знаат во врска со него. Прочитајте го за да си олесните во справувањето со вирусот, но и во превенцијата кај вашите деца

Што е „новиот“ коронавирус?

Новиот коронавирус  е нов вид коронавирус.

Болеста предизвикана од новиот коронавирус беше наречена болест предизвикана од корона вирусот 2019 (КОВИД-19) – „КО“ ја означува корона, „ВИ“  вирус, а „Д“ дизиз што значи болест на англиски.

Како се шири корона вирусот ?

Вирусот се пренесува преку директен контакт со респираторните капки на заразеното лице (што се создаваат преку кашлање и кивање), и со допирање површини контаминирани со вирусот од тие исти респираторни капки. Корона вирусот  опстанува на површината и по неколку часа, но може да се уништи со едноставни средства за дезинфекција.

Кои се симптомите на болеста предизвикана од корона вирусот (КОВИД 19)?

Симптомите може да бидат покачена температура, кашлица и отежнато дишење. Во потешки случаи, инфекцијата може да предизвика пневмонија или тешкотии со дишењето. Во ретки случаи болеста може да биде смртоносна.

Овие симптоми се слични на грип, кој се јавува многу почесто од болеста предизвикана од корона вирус. Затоа, потребно е тестирање за да се потврди дали некој има корона вирус. Важно е да се запомни дека клучните мерки на превенција се исти – често миење на рацете и респираторна хигиена (кога кашлате или кивате, покријте ја устата со подлактицата или со хартиено шамивче, а потоа фрлете го шамивчето во покриена канта).

Како да избегнам ризик од инфекција?

Еве четири мерки на претпазливост за вас и вашето семејство со кои може да избегнете инфекција:

 

washing hands icon

Често мијте ги рацете со сапун и вода, или со раствор на база на алкохол

blowing nose icon

Покријте ги устата и носот со подлактицата или со хартиено шамивче при кашлање и кивање. Фрлете го употребеното шамивче веднаш

coughing icon

Избегнувајте близок контакт со некој што има настинка или симптоми слични на грип

Doctor icon

Веднаш побарајте медицинска помош ако вие или вашето дете имате покачена температура, кашлица или отежнато дишење

Треба ли да носам медицинска маска?

Се препорачува користење медицинска маска ако имате респираторни симптоми (кашлање или кивање) за заштита на другите или ако негувате некој со респираторни симптоми. Ако немате симптоми, нема потреба да носите маска.

Ако се носат маски, мора правилно да се користат и да се фрлаат за да бидат ефикасни и за да се избегне поголем ризик од пренесување на вирусот.

Носењето маска само по себе не е доволно за да се запре инфекцијата и мора да се комбинира со често миење на рацете, покривање при кивање и кашлање и избегнување близок контакт со лица со настинка или симптоми слични на грип (кашлање, кивање, температура).

Дали КОВИД-19 ги погаѓа децата?

Ова е нов вирус и сѐ уште не знаеме доволно за тоа како влијае врз децата или бремените жени. Знаеме дека со вирусот може да се заразат лица на секоја возраст, но досега се пријавени релативно мал број случаи на КОВИД-19 кај децата. Вирусот е смртоносен во ретки случаи, досега главно кај постарите лица со претходно постоечки медицински состојби.

Што треба да направам ако моето дете има симптоми на КОВИД-19?

Побарајте медицинска помош, но не заборавајте дека симптомите на КОВИД-19 како кашлица или треска се слични со симптомите на грип – кој е  многу почест.

И натаму применувајте практики на често миење раце и добра респираторна хигиена, а детето нека ги прима редовните вакцини – за да биде заштитено од други вируси и бактерии кои предизвикуваат болести.

Како и кај другите респираторни инфекции слични на грипот, веднаш побарајте помош ако вие или вашето дете имате симптоми, и избегнувајте одење на јавни места (на работа, на училиште, во јавен превоз), за да спречите ширење.

Што треба да направам ако јас или некој член од семејството има симптоми?

Треба веднаш да побарате медицинска помош ако вие или вашето дете имате треска, кашлица или отежнато дишење. Следете ги препораките на Владата и јавете се на еден од одредените телефонски броеви доколку имате симптоми, a особено ако симптомите се појавуваат по патување во подрачја каде што е пријавен КОВИД-19, или ако сте биле во близок контакт со некој кој допатувал од некое од овие подрачја и има респираторни симптоми.

Треба ли да го повлечам детето од училиште?

Ако вашето дете има симптоми, побарајте медицинска помош и следете ги упатствата на лекарот. Инаку, исто како и кај другите респираторни инфекции слични на грип, детето чувајте го дома и нека се одмора додека има симптоми, а избегнувајте и одење на јавни места за да спречите ширење кај другите.

Ако вашето дете не покажува симптоми како треска или кашлица – и ако не е дадено јавно здравствено известување, друго релевантно предупредување или официјално соопштение за училиштето на вашето дете – најдобро е детето да остане на училиште.

Наместо децата да не ги пуштате на училиште, научете ги на добри практики на миење раце и респираторна хигиена за на училиште и на други места, како и на често миење на рацете (види подолу), покривање при кашлање и кивање со подлактицата или со хартиено марамче, и фрлање на марамчето во покриена канта, научете ги да не си ги допираат очите, устата или носот ако добро не ги измиле рацете.

Како најдобро правилно да се измијат рацете?

Чекор 1: Натопете ги рацете со вода од чешма

Чекор 2: Направете доволно сапуница за да ги покриете влажните раце

Чекор 3: Добро исчистете ја кожата на рацете,  дланките, просторот меѓу прстите и под ноктите – мијте барем 20 секунди.

Чекор 4: Темелно исплакнете со вода од чешма

Чекор 5: Исушете ги рацете со чиста крпа или со хартија за еднократна употреба

Често мијте ги рацете, особено пред јадење, по секнење на носот, кашлање или кивање; и по одење во тоалет.

Ако нема сапун и вода на располагање, користете дезинфициент на база на алкохол со најмалку 60% алкохол. Секогаш измијте ги рацете со сапун и вода, ако рацете се видливо нечисти.

Какви мерки да преземам со семејството ако патуваме?

Секој што планира патување во странство секогаш треба да ги провери препораките за патување во дадената дестинација во врска со ограничувањата за влез, барањата за карантин при влез, или други релевантни информации.

Освен стандардните мерки на претпазливост за патување, а и за да избегнете карантин или одбивање на повторен влез во својата земја, се препорачува да ги проверите најновите информации за КОВИД-19 на веб-страницата на Меѓународната асоцијација за воздухопловство, каде е дадена листа на земјите и мерките на ограничување.

При патување, сите родители треба да ги следат стандардните хигиенски мерки за себе и своите деца: Мијте ги рацете често или користете дезинфекциско средство на база на алкохол со барем 60 отсто алкохол, практицирајте добра респираторна хигиена (покривање на устата и носот со подлактицата или со хартиено марамче при кашлање или кивање и фрлање на марамчето веднаш) и избегнувајте близок контакт со некој што кашла или кива. Исто така, се препорачува родителите секогаш да носат прирачен дезинфициенс, пакетче со хартиени шамивчиња и со влажни марамчиња за една употреба.

Дополнителни препораки: Исчистете ги седиштето, потпирачите, екранот на допир на смарт телефонот, таблетот или компјутерот со влажно марамче кога ќе влезете во авион или во друго возило. Користете влажно марамче и за да избришете чисти површини со копчиња, кваки на врати, далечински управувачи, и сл. во хотелот или таму каде што престојувате со децата.

Дали бремените жени може да им пренесат коронавирус на неродените деца? 

Во овој момент нема доволно докази за да се утврди дали вирусот се пренесува од мајката на бебето за време на бременоста, или потенцијалниот ефект што може да го има врз бебето. Ова се истражува во моментов. Бремените жени треба да продолжат да ги следат соодветните мерки на заштита од изложеност на вирусот, и веднаш да побараат медицинска помош ако имаат симптоми на треска, кашлица или отежнато дишење.

Дали е безбедно мајката да дои ако е заразена со коронавирус?

Сите мајки во погодените и во подрачјата на ризик кои имаат симптоми на треска, кашлица или отежнато дишење, треба веднаш да побараат медицинска помош и да ги следат инструкциите од својот лекар.

Со оглед на придобивките од доењето и малата улога на мајчиното млеко во пренесување на други респираторни вируси, мајката може да продолжи со доење, спроведувајќи ги сите потребни мерки на претпазливост.

За мајките со симптоми кои се чувствуваат доволно добро за да дојат, ова значи да носат маска кога се во близина на детето (и при хранење), да ги измијат рацете пред и по контактот со детето (како и при хранење), и да ги исчистат/дезинфицираат контаминираните површини – како што треба да се направи во сите случаи кога некој со потврден или суспектен КОВИД-19 комуницира со другите, вклучувајќи ги и децата.  Ако мајката е премногу болна, треба да се охрабри да се молзе и млекото да му го дава на детето преку чиста чашка и/или со лажиче – истовремено следејќи ги истите начини на превенција.

Има многу информации на интернет. Што да правам?

Има многу митови и дезинформации во врска со корона вирусот на интернет – како и за тоа на кој начин КОВИД-19 се шири, како да се биде безбеден, и што да направите ако сте загрижени дека сте заразени со вирусот.

Затоа, важно е да бидете внимателни кога барате информации и совети. Освен упатствата во овој информатор, Светската здравствена организација има корисен дел во кој се осврнува на најчесто поставуваните прашања. Се советува и да ги дознаете најновите препораки и вести за патување, одење на училиште и другите упатства дадени од вашите државни или локални власти.

Ме загрижува малтретирањето, дискриминацијата и стигматизацијата. Кој е најдобар начин да се зборува за она што се случува?

Разбирливо е да бидете загрижени за корона вирусот. Но, стравот и стигмата уште повеќе ја влошуваат ситуацијата. На пример, излегуваат известувања од поединци низ целиот свет, особено од азијско потекло, дека се предмет на вербално или дури и физичко малтретирање.

Вонредните здравствени состојби се стресни времиња за сите засегнати. Важно е да останете информирани, да бидете љубезни и меѓусебно да се поддржувате. Зборовите се важни, па користењето јазик што ги зацврстува стереотипите ги одвраќа луѓето од тестирање и преземање постапки за заштита на себеси и на својата заедница.

Еве што ТРЕБА, а што НЕ ТРЕБА да правите кога зборувате за коронавирусот со вашите деца, семејството и пријателите:

ТРЕБА: да зборувате за новата болест предизвикана од корона вирус (КОВИД-19)

НЕ ТРЕБА: да „прилепувате“ места или етничка припадност на болеста. Запомнете, вирусите не може да се насочат кон луѓе од одредени популации, етнички групи, или расна припадност.

ТРЕБА: да зборувате за „луѓе кои имаат КОВИД-19“, „луѓе кои се лекуваат од КОВИД-19“, „луѓе кои закрепнуваат од КОВИД-19“ или „луѓе кои починале откако се заразиле со КОВИД-19“

НЕ ТРЕБА: да ги именувате луѓето со оваа болест како „случаи  или жртви на КОВИД-19“

ТРЕБА: да зборувате за луѓе кои „добиле“ или „се заразиле“ со КОВИД-19

НЕ ТРЕБА: да зборувате за луѓе кои „пренесуваат КОВИД-19“ „заразуваат други“ или „го шират вирусот“, бидејќи тоа имплицира намерно ширење и префрлање вина.

ТРЕБА: да зборувате точно за ризикот од КОВИД-19, врз основа на научни податоци и најнови официјални здравствени известувања

НЕ ТРЕБА: да повторувате или да ширите непотврдени гласишта, и треба да избегнувате користење на хиперболичен јазик кој предизвикува страв, како на пр., „чума“, „апокалипса“ и сл.

ТРЕБА: да зборувате позитивно и да ја потенцирате важноста на ефективните превентивни мерки, како и да ги следите нашите совети за миење на рацете. За повеќето луѓе, ова е болест што можат да ја надминат. Постојат едноставни чекори што сите може да ги преземеме за да бидеме безбедни ние, нашите најблиски и најранливите.

Преземено од УНИЦЕФ

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ