Шведските власти ја затворија истрагата за наводното силување и сексуален напад во Стокхолм, која, според медиумите, беше поврзана со францускиот фудбалер Килијан Мбапе, поради недостаток на докази. Јавното обвинителство на Шведска пред два месеци објави дека истражува наводен инцидент што се случил во луксузен хотел во Стокхолм на 10 октомври, без да го именува осомничениот.
Дваесет и петгодишниот напаѓач на Реал Мадрид – еден од најпознатите играчи во светскиот фудбал – престојувал во шведската престолнина од 9 до 11 октомври со група луѓе, бидејќи не бил повикан да игра за Франција на натпреварот во Лигата на нации.
Неколку шведски медиуми, вклучувајќи ги весниците Aftonbladet и Expressen, како и јавниот сервис SVT, го идентификуваа Килијан Мбапе како осомничен.
„Мбапе не е вмешан“
Во изјава објавена овој четврток, обвинителката Марина Чиракова изјави:
„Мојата проценка е дека доказите не се доволни за да се продолжи постапката и истрагата затоа се затвора,“ иако не го спомена Мбапе по име.
Чиракова додаде дека осомничениот „не бил известен за никакво сомнение за кривично дело.“
Во октомври, Мбапе изјави дека бил „шокиран“ што неговото име било поврзано со истрагата. Во неделата, за првпат зборувајќи за случајот на француската телевизија Clique, тој рече дека „не е вмешан.“
„Не сум добил ништо, ниту повик… Не сум вмешан,“ рече Мбапе.
Мбапе ќе покрене тужба за клевета поради шведската истрага за силување
Според Aftonbladet, Мбапе и неговата придружба вечерале во ресторан една вечер, по што продолжиле во ноќен клуб. Aftonbladet објави дека жалбата била поднесена на 12 октомври, откако наводната жртва побарала медицинска помош.
Во меѓувреме, Expressen објави дека полицијата запленила некои облеки како докази, вклучувајќи женска долна облека, црни панталони и црн топ. Фотографии покажуваат полицајци како го напуштаат хотелот со кафеави кеси.
На овие написи, адвокастиот тим на фудбалерот најави дека ќе поднесат тужба за клевета поради шведската истрага за силувања.
С.Н.