сабота, јули 27, 2024
дома„Снежана...“ е автентичен, исчашен и доследен филм до крајот

„Снежана…“ е автентичен, исчашен и доследен филм до крајот

Кон: „Снежана на крајот умира“, режија и сценарио: Кристијан Ристески, улоги: Верица Недеска, Валентин Костадиновски, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Наташа Петровиќ, Давид Јанакиев, фотографија: Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажа: Горан Вукиќ, музика: Александар Пејовски и Ставрос Макрис, Македонија/Кипар, 2022

Пишува: Сунчица Уневска

„Снежана на крајот умира“ е еден од подобрите филмови што сме ги виделе последниве години во македонската кинематографија. Всушност, ова е филм кој има многу поголем потенцијал и сосема заслужи светската премиера да ја има на независниот фестивал „Слемденс“, бидејќи кога би бил направен во Америка неговиот одѕив, влијание и успех ќе беа далеку поголеми. Вака, останува за многу критичари и списанија извонредно изненадување кое доаѓа од една за нив егзотична земја, Македонија, па сепак, доби одлични критики и многумина ја препознаа неговата уникатност и моќ на толку исчашен начин да создаде одличен филм, велејќи дури дека за разлика од многу имитатори на Тарантино или на Томас Пол Андерсон, ова е филм кој има своја автентичност и оригиналност. Кој на моменти, можеби и ги потсетува на нив со својата расцепкана структура, но дека е направен на свој „причинско-последичен“, всушност, многу логичен начин. И тоа е добро, тоа е одлично, но факт е дека ако доаѓаше од друга земја ќе имаше далеку поголеми можности.

Но, мора да признаеме дека и вака како што е, сосема е добро, бидејќи „Снежана на крајот умира“ е многу особен, уникатен, откачен филм, а толку ефектно и доследно направен, што во нашата земја е навистина голема реткост. Секоја чест за Ристески, филм кој заслужува фестивалски живот, иако многу повеќе на оние независни и авангардни фестивали и заслужува уште повеќе рецензии и признанија. Тој толку добро си игра со целата ситуација во нашата земја, толку фантастично и точно успева да ја долови, и колку што филмот е поисчашен и има и такви ликови, уште подобро, бидејќи Ристески умее да ги употреби, да ги исцрта и да им ја даде вистинската мерка. А, на крајот, да добие заокруженост и способност да проговори за реалноста онака до сржта иако навидум таа на тој начин и не е застапена во филмот, а всушност, застапена е во секоја откачена сцена, или дијалог, или слика, или тотално извртена идеја. Бидејќи, што е поточно од апсурдот кога зборувате за реалноста на една земја, која по сите параметри е надреална затоа што како и да завртите е невозможна. Или во стилот на Ристески, па кој нормален би можел да живее во оваа ненормалност…

„Снежана на крајот умира“ следи три приказни, иако е полна со настани, дијалози, забелешки, навидум неразумни тези, досетливи коментари. Тоа е приказна која на прв поглед е скршена, а во суштина толку добро водена, така неверојатно поврзана и извонредно склопена. Од една страна, тука се докторката, која не сака деца, бидејќи, всушност, се прашува и во каков свет ќе ги остави, но целосно е посветена на синот на својата почината другарка, со која имале бенд, кој пак е наркоман, што ќе ја доведе до луди ситуации, па дури и до тоа да стане дилерка.

Тука се тројцата другари, кои постојано дремат пред видеотеката што е пред затворање и каде што се открива цела една планета, како што подоцна ќе рече радиоводителот со аспергеров синдром, на онаа ненормална нормалност или нормална ненормалност во која живееме, прашувајќи се секојдневно, „како отиде сè у бестрага, а ние не приметивме“. Интересно е дека еден критичар по премиерата на филмот на „Слемденс“ изјави дека посакал да долета во Македонија и да им биде другар на овие тројца откачени ликови кои постојано „тресат зелени“ за тоа што би можеле, ако ја продадат видеотеката, со тие пари да направат. Одлични се идеите на Ристески, исклучително инвентивни, забавни, тотално исчашени, но секако фасцинантно адекватни.

Нема кај Ристески никаква претенциозност, што е исто така карактеристично за македонската кинематографија и многу често присутно. Не, Ристески е искрен, фуриозен и изненадувачки, како онаа мува Милица која нѝ ја раскажува приказната и која така блесаво ќе умре, иако сонувала крајот да и биде малку „повеличествен“. Но, иако ќе умре Ристески го наоѓа аголот како да ја продолжи приказната, бидејќи во приказните нели, сè се случува со причина. Тука е и онаа т.н. хикикомори уметница, односно уметница која е тотално социјално повлечена и не сака луѓе, а на која радиоводителот со аспергеров синдром ќе и каже дека во светот имало многу такви уметници кои се викале или хикикомори или реклус. Впрочем, овој радиоводител и оваа „случајна“ уметница се неверојатната двојка која на филмот му го дава уметничкиот поглед на неверојатното, каде што дури и оние смешни скулптури во паркот добиваат ново руво.

И, секако, тука е мувата која се обидува, како што и треба нели, да нѝ го објасни секој дел од приказната, иако на крајот ќе го остави како мистерија зборувањето на клозетската шолја, која веќе нема да може да го издржи лудиот наркомански разговор па ќе почне да се однесува како дух во шише, нудејќи три желби само да ја остават на мира. А планетата која се распаѓа, во која повеќе нема да има ни блискост, ни пријателство, ни љубов, каде што нема да се разликуваат лагите од вистината, ќе ја спаси свињата Енцо, се разбира, „со својата разборитост“.
Одушевува Ристески со своите идеи, но и не само со идеите, туку уште повеќе со начинот на кој ќе ги донесе, начинот на кој ја раскажува својата приказна, начинот на кој толку точно и дури неверојатно го детектира секој детаљ од нашата прилично забегана стварност. Интересно е дека во цела оваа изместена приказна впрочем и нема празни одови, нема вишок, нема нешто измислено само за да пополни време, не, сè е со мерка, сè е одлично обмислено, сè е многу смешно, па дури и урнебесно во својата „глупост, во незамисливите идеи и налудничавоста“ кои не можете ни да ги замислите, а толку се добри и логични. Одличен.

Ова е навистина еден од оние филмови кои умеат на големите фестивали да направат поинаква атмосфера, филмови за кои има што и за кои долго се зборува. Но, она што е уште поинтересно е што Ристески е многу позитивен и во филмот се препознава љубовта со која ова е направено, се препознава оптимизмот и надежта. Впрочем, и неговите протагонисти се такви, тие на своите блесави начини се верни на своите убедувања, на секаков начин се борат да останат доследни, па дури и да изгубат сè друго, кое всушност и го немаат.

Ова е приказна за еден луд град, за седум протагонисти кои се олицетворение на целото лудило што го живееме и во кое мувата, клозетската шолја и свињата се подразбираат, па дури и она прдење наназад, како што филмот е најавуван. А како инаку било кому да му ја раскажете оваа „нормална ненормалност“, а да ви поверува дека тоа не е бајка, туку живот во кој секојдневно тонеме, точно како и нашите протагонисти. Барајќи во него малку верба, малку љубов, малку разбирање, барајќи во него правда, и покрај сè, и верувајќи во оние прекрасни вкусови на зборовите за кои зборува радиоводителот со аспергеров синдром. А особено кога ќе каже дека изразот „кога е сè во ред“ мириса на црвено грузиско вино.

И како во сето тоа да не поверувате. Одлични актери, фантастична фотографија и монтажа и одлично вклопена урбана и исчашена музика, впрочем како и сè во филмот, кој ги донесе Тарантино и Пол Томас Андерсон конечно и на македонски начин, но што е многу значајно, оригинално и издржано, па колку и некого да потсетува на нив. Бидејќи, потсетувањето воопшто не е лошо, особено кога е само инспирација, или кога само нам така ни се чини, но најважно е што никој не може да каже дека филмот ја нема својата автентичност, изворност, особеност и дека сето тоа го прави на свој, на начин кој навистина кај нас ретко го очекуваме, начин кој е зрел за да може да биде ваков или онаков, а пак да остане свој.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ