Во зимата 2013, Сју Скот веќе го организираше својот погреб. Имаше 36 години и беа детектирани метастази на ракот на грлото на матката што се ширеа со голема брзина во организмот. Хемотерапија, радиотерапија, операции – сите обиди да се запре развојот на болеста беа неуспешни. Формирањето на карцином се случило во црниот дроб и дебелото црево. За Сју сепак имаше уште една шанса – експериментални тестови во медицинскиот центар на Националниот здравствен институт на САД, пренесе Франс прес.
Во овој центар лекарите се обидуваат да го заменат имунолошкиот систем на пациентите со леукоцити (бели крвни зрнца), кои се програмирани да напаѓаат тумори поврзани со сексуално пренослив човечки папиломавирус.
Неколку месеци подоцна туморите во организмот на Сју целосно исчезнаа. Таа е во целосна ремисија пет години. Лекарите ја третираат како излекувана.
“Најголемо задоволство ми е што давам надеж на други луѓе”, рече Сју која е агент за недвижнини во Вашингтон и се занимава исто добротворни цели.
Клиничките испитувања, во која таа зеде учество, извршија пробив во борбата против ракот. За прв пат беше докажано дека имунотерапијата, за која е познато дека е ефикасна против леукемија и рак на кожата, може да се користи и против рак на грлото на матката.
Излекувањето на Сју освен тоа ги доведе лекарите до неочекувано откритие кое ќе овозможи да се води борба и со други видови тумори. “Научивме од организмот дека негови ДНК секвенци може да се вметнат во секакви клетки, и со тоа да го нападнат ракот на ист начин”, истакнаа научниците.