сабота, јули 27, 2024
домаСо концерт во Филхармонијата заокружена манифестацијата „2021 – Година во чест на...

Со концерт во Филхармонијата заокружена манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“

Со концерт во Филхармонијата синоќа беше заокружено чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Во присуство на покровителот на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, Стево Пендаровски, и други гости, Оркестарот на Филхармонијата, баритонот Горан Начевски, маестро Дијана Имери Илкоска изведоа дела на двајца великани на македонската современа музика – Томислав Зографски и Тодор Скаловски, во оркестрација на Ангел Спироски. Беше претставена и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.

– Блаже Конески, тој тивок и кроток човек, добиваше строг лик со кој до крај го бранеше секој збор, секоја буква од македонската азбука – рече министерката за култура Ирена Стефоска синоќа во Филхармонијата на завршната манифестација со која се заокружи чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

Стефоска во своето обраќање, цитирајќи го лингвистот Трајко Стаматоски, додаде дека Конески во толкувањето на фактите настојуваше да биде и да остане непристрасен, се залагаше да завладее на пошироките балкански простори поинаков дух во поимањето на работите. Тој оформи национален, а не националистички пристап во проучувањата.

– Зашто одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е света работа и должност: „не е тоа јазик создаван под никаков диктат… и на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ.“ На еден од тие циклични напади еднакви на опсесија, Конески одговара: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: Ваша работа!“ – нагласи Стефоска.

Стефоска додаде дека минатата година беше стогодишнина од раѓањето на Славко Јаневски, оваа – 100 години од Блаже Конески, а во 2023 –  еден век од раѓањето на Ацо Шопов.

– Сите тројца, основачи на Македонската  академија  на науките и уметностите и сите тројца со мисија да ни остават  силен  македонски збор и како благослов и како аманет. Зашто мајчиниот јазик на човека му е и првата и последната  мисла – заврши министерката за култура.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во своето обраќање додаде дека јазикот, уметноста и културата ја даваат смислата на нашите животи и постоење.

– Тие се конецот, којшто го испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината. Нашиот голем книжевник, академик Блаже Конески, целиот свој талент го посветил и насочил токму во унапредувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација, со што придонел да се најдеме во големото семејство на светски признати јазици. Делото на Блаже Конески е аманет кој секој од нас има обврска да го чува и негува, за што е потребна и лична одговорност, но и институционален пристап – додаде Царовска.

Иницијативата за Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ја започнаа Министерството за култура и Министерството за образование и наука, а за меѓународните активности се вклучи и Министерството за надворешни работи. Програмата, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се реализираше во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ