четврток, јануари 23, 2025
домаСо огномет и две почесни „срца“ прексиноќа почна Сараевскиот фестивал

Со огномет и две почесни „срца“ прексиноќа почна Сараевскиот фестивал

Шведскиот режисер Рубен Естлунд и украинскиот Сергеј Лозница го одбележаа отворањето на фестивалот. „Триаголник на тагата“ е многу послаб од претходните дела на Естлунд, а „Мајдан“ на Лозница потсетува на состојбата во Македонија

Специјален известувач од Сараево: Сунчица Уневска

Сараевскиот фестивал, дефинитивно, е на рамниште со големите филмски фестивали во светот, само што му успеа да го сврти истото внимание, да донесе и многу ексклузивни и актуелни гости, а сепак ѕвезди на отворањето да бидат регионалните автори и актери. И тоа секако е одлично, сè додека не видите дека и во Сараево политичарите умеат да ја искористат таа ситуација, и тоа како, за своја сопствена промоција. За жал, тоа очигледно е болка на сите овие земји, каде што партиите и нивните претставници го „крадат“ шоуто, иако фестивалот е преполн со филмови токму на таа тема. Но, апсурдите веќе долго време се нашето секојдневие.

Естлунд врескаше заедно со публиката

Но, да се вратиме на 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал, кој успева да ги донесе најактуелните филмови, да направи вистинска фестивалска атмосфера, па дури и да се зборува за гламур, кој е далеку од тоа, но рака на срце, не е подобро ниту на оние места кои по гламурот се познати, претворајќи ги сите овие манифестации повеќе во парада на кич отколку на некаков вкус и стил. Како и да е, фестивалска атмосфера имаше, Сараево се отвори со годинешниот кански победник, „Триаголник на тагата“, кој направи бум и билети никако не можеа да се најдат. Поради тоа филмот беше уште два пати повторен и картите повторно беа распродадени.

Авторот на овој филм, познатиот шведски режисер Рубен Естлунд, кој веќе доаѓаше во Сараево, а го предводеше и жирито, го доби почесното „Срце на Сараево“ на отворената сцена во киното познато како „Металец“ иако сега се вика „Кока кола“. Неговата радост и однесување ја понесоа и публиката, која тој ја повика на врескање, па сето тоа беше проследено со френетични аплаузи, додека Естлунд зборуваше колку е добро што се вратил тука. Заедно со него во Сараево пристигна и познатиот хрватски актер, Златко Буриќ, кој игра една од главните улоги во филмот како „спаринг-партнер“ на Вуди Харелсон, додека се надмудруваат како руски капиталист и американски комунист.

Филмовите на Лозница се негова мисија

Второто почесно „Срце на Сараево“ вечерта на отворањето беше резервирано за сè позначајниот украински режисер, Сергеј Лозница, кој направи многу важни документарци за Украина уште пред да започне војната и за кого овде во Сараево е резервирана програмата „Посветено“ во која е направен избор од неколку негови одлични и најпознати филмови. „Срцето на Сараево“ му го врачи новиот директор, Јован Марјановиќ, и тоа во Народно позориште, каде што е секогаш официјалното отворање, овој пат со истиот филм на Рубен Естлунд, „Триаголник на тагата“. Сергеј Лозница е едноставен и скромен човек, кој за разлика од Естлунд, на своите филмови им пристапува сосем поинаку, сметајќи ги како своја агенда и мисија само со цел да и помогне на својата земја и ги архивира историските случувања.

Зошто го велам ова? Затоа што извиканиот филм на Естлунд, „Триаголник на тагата“, кој всушност му ја донесе втората „Златна палма“, е далеку послабо остварување од неговите претходни филмови. Но, познато е дека кога ќе стекнете таков статус веќе сè е поинаку, и кај публиката и кај критиката. Не е чудно филмови што големиот дел од публиката воопшто не би ги гледал, сега да оди масовно во кино и да се смее и на што треба и на што не треба за да покаже дека, нели, и тие го разбираат неговиот хумор. А „Триаголник на тагата“ е многу поразличен од неговите, не само претходни, туку постари филмови, во кои беше многу посилен и имаше што да каже. Овој филм, направен на англиски јазик, е толку тенденциозен, толку екстремен и изнасилен без никаква потреба, во недостаток да се испорачаат сопствените пораки.

„Триаголник на тагата“ има само добри епизоди

Не дека Рубен Естлунд не е добар, тој е навистина супер талентиран, одличен режисер и критичар на современото општество, со еден сосем поинаков пристап, многу циничен и на моменти изненадувачки, бидејќи умее да види и да прикаже некои работи така соголено што одушевува. Има и во „Триаголник на тагата“ извонредни епизоди, но за жал многу често паѓа и некако и самиот не знае каде да застане и како да ја извлече суштината. Затоа, на моменти дури и толку се преповторува и оди во такви апсурди кои не се многу смешни, повеќе тажни. Но, не во смисла дека постигнува некаква тага, која и не се однесува на тоа, туку затоа што се неуспешни. Во него е натрупано сè и сешто, но ниту ја води добро приказната, ниту пак ја има, сè е премногу исфорсирано и главно сведено на поуспешни и понеуспешни епизоди. Штета, бидејќи Естлунд умее и сега да направи нешто што другите не умеат, но тенденциозноста и рециклирањето на себеси се дефинитивно лошиот пат, барем во овој филм.

Причините за „Мајдан“ потсетуваат на Македонија

Додека, Лозница е нешто сосем поинакво. Од 30 филма само 4 му се играни, другите се документарни. Програмата „Посветено“ започна со неговиот филм „Мајдан“ од 2014 година, кој всушност ја следи револуцијата, која ќе започне како тивок протест против владеењето на Јануковиќ на преминот од 2013 во 2014 година, кога на плоштадот во Киев ќе се собере пола милион луѓе, за потоа во текот на 4 месеци работите постојано да ескалираат и да стигнат до крвави улични борби и голем број жртви. Некако, кога го гледате овој филм не можете а да не направите споредба со нашата земја, бидејќи и кај нас како и кај нив владее мафијата, судиите се тотално потплатени, се краде наголемо, народот нема да јаде, власта се злоупотребува на секаков можен начин, а луѓето се буквално пред колапс.

Лозница многу верно ги следи настаните во текот на цело време од ноември до февруари, кога Јанукович ќе побегне од државата. За жал, и таму како и кај нас, полицијата ја слуша власта и се бори со сопствениот народ, додека многумина од нив да се освестат и да се приклучат кон народот. Филмот е навистина направен со голема топлина, љубов и пожртвуваност, со многу голема солидарност и подготвеност на луѓето да се изборат за своето и да го докажат својот идентитет и интегритет. Лозница воопшто не се занимава со политичарите, што го кажа и самиот после филмот, туку напротив, му пристапува на ова, да го наречеме востание, како општествен феномен, но и како начин народот да се врати на своите корени и да се бори за она што им е одземено, не дозволувајќи земјата која тоне да стигне буквално до дното.

Сведоштвата не мора да имаат временска дистанца

Филмот „Мајдан“ е неверојатно сведоштво на Лозница, кој успева така да ја фати психологијата на масите, но оние обичните, на обичниот народ, кој едноставно нема друг излез, освен да се бори за својот живот. Тој и сега се чувствува исто, возбудено и гордо што бил сведок, дел и што сето тоа успеал да го овековечи. Лозница е голем автор, кој сите овие потресни настани толку добро да ги снимил, но наедно и со своето срце и душа е дел од нив.

Фестивалот допрва почнува, веќе започнаа проекциите на филмовите кои се во трка за награди, а само да кажеме дека овој пат Сараево, кое впрочем секогаш и го негува домашниот филм и автори, а секако и значајни настани, надвор од програмата, ден пред започнување на фестивалот ја прикажа работната верзија на новиот филм на Јасмила Жбаниќ, „Блум“, посветен на основачот на „Енергоинвест“ и поранешен градоначалник на Сараево, Емерик Блум, со цел да ја анимираат публиката да им помогне да го довршат филмот.

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ