Валентина Ѓоргиевска Парго
Како со прецизна филмска режија, актуелниот протокол, многу гости а никој вишок, емоции какви што подигнуваат нагоре, и магија просипана со прстите од ноќта, на 21 септември во Александар палас се случи промоцијата на цедето “Незаборавни” , на Биба Додева, составено од преработка на антологиски македонски песни.
Без никаква вообичаена тензија, ни збрка, со задолжителното мерење температура и заштитни маски со нејзин знак за сите, спонтано, а со нестрпливо очекување, под шаторот во дворот на хотелот, се сместија сите стотина гости, на пропишаната дистанца, и просторот го прекри чуден молк, рамно на штама. Исчекување, како на филм.
Новинарот Иван Бековиќ го
претстави албумот, водителката уште некои технички запознавања, Биба авторите и својата причина за враќање на сцена по емотивната скршеност од загубата на Мајка си, а потоа испеа три песни во живо, заедно со Ана Костова и Сара Николовска.
На крај, и додели плакети од свое име на сите антологиски автори на снимените песни со исклучок на ” Еден бакнеж”, кои за жал не се меѓу нас.
Се заврши брзо, но за долго паметење. По многу работи.
Дојде речиси цела естрада, оние кои ги креираат и изведуваат евергрините и хитовите, сите елегантно дотерани и со насмевка како главен украс.
Позитивни вибрации се ширеа со коментирањето на албумот на Биба, со коментирањето на се уште свежиот “Макфест” посебно со честитките кон Пере “Нокаут” и младиот автор Филип Неделковски и текстописецот Огнен Неделковски. Никаква трага на суета, лутина или неспокој, ни конспиративни идеи и намери, кај никого. Како една целосна преродба, и на енергијата.
Копров, Џокси, Дарио, Скендеровски, Пере, Дојчин, Самарџиев, Иле Спасев, Зоки Труба (Победникот на Охрид фест 2020), Манде и Маја Баги комуникации, Ана Бунтевска, владиката Пимен, дури и градоначалникот на Ресен- почитуваниот доктор Живко Гошаревски, деловни соработници, помагатели, новинари.
Толку позитивна и опуштена атмосфера, токму како на филм. Можеби ќе траеше уште подолго, но сите од таму со итање се префрлија во локал стотина метри понатаму, на промоција на Алексадар и Дац.
Што треба да знаете за овој албум? Ова се песните кои Биба ги отпеа, во свој стил, зошто таа тоа го може со својот вокал. За да живеат уште подолго, зошто тие се створени да живеат вечно.
“Анушка”
музика Григор Копров, текст Ромео Грил (1987)
“Во бестрага”
музика Никола Перевски Пере и Владимир Крстевски Франц
текст Игор Џамбазов (2001)
гости: хармоника Танос Ставридис, виолончело Стела Темпрели
“Ти само збориш”
музика и текст Славе Димитров (1977)
гостин на саксофон Горан Папаз
“Едно срце имам душо “
музика Тоде Новачевски, текст Драган Мијалков (1988)
гости: на армоника Горан Алачки, на виолина Димитар Михајловски
“Лажи ме”
музика Григор Копров, текст Ромео Грил (1987)
гостин на гитара Петар Ренџов
“Еден бакнеж”
музика Петар Пешев
текст Христо Крстевски (1962)
гости на песната: хармоника Танос Ставридис , виолина Димитар Михајловски
“Виолина и гитара”
музика Валентино Скендеровски, текст Александар Митевски (1996)
гостин на виолина Коки Јанков
“Скопје”
музика Влатко Стефановски, текст Горан Стефановски (1987)
“Сонце за три светови”
музика Винко Мишковски, текст Винко Мишковски и Ристо Самарџиев (1993)
гости: клавијатури Винко Мишковски, саксофон Васко Атанасовски
“Сребрени улици”
музика Григор Копров, текст Ромео Грил (1985)
гости: на тромбон Сашко Николовски, труба Сенад Усеин
“Необичен круг”
музика Биба Додева, текст Ана Антовска (2002)
Бонус траки
“Како некогаш”
музика Владимир Дојчиновски, текст Ана Бунтеска (2019)
“Птица”
музика и текст Весна Малинова (2020)
Сите аражмани ги адаптира и направи Владимир Дојчиновски – Дојчин
Програмирање, снимање, микс на албумот Владимир Дојчиновски – Дојчин
Мастеринг Иле Спасев
Албумот е снимен во студио “BLUE”, во период од јуни 2019 / август 2020
Фото кавер Биба Додева
Дизајн Драган Стојановски
Извршен продуцент Биба Додева
Генерален спонзор на албумот
Осигурување Македонија Виена Иншуранс Груп