среда, јануари 8, 2025
домаСо само една доза на вакцината значително се намалува пренос на корона...

Со само една доза на вакцината значително се намалува пренос на корона вирусот

Само една доза од „Фајзер“ или „АстраЗенека“ може да го намали преносот на коронавирус за скоро 50 проценти во рамките на истото домаќинство, каде што ризикот од инфекција е многу висок, покажа истражувањето на англиската Агенција за јавно здравје (PHE), чии резултати беа објавени денес.

Истражувањето покажува дека луѓето кои се заразуваат со вирусот три недели откако ја примиле првата доза на вакцината „Фајзер“ или „АстраЗенека“, имаат 38 до 49 проценти помали шанси да ја пренесат инфекцијата на членови на исто домаќинство отколку оние кои не биле вакцинирани, се вели во соопштението од PHE.

Ова ниво на заштита е забележано приближно на 14-тиот ден по вакцинирањето и е слично без оглед на возраста на вакцинираното лице или возраста на членовите на домаќинството.

Британскиот министер за здравство смета дека „ова е фантастична вест“.

„Веќе знаевме дека вакцините спасуваат животи, но оваа студија, најсеопфатна во реални околности, исто така укажува на намален пренос на овој смртоносен вирус“, рече тој.

Во исто време, првата доза на вакцина ја спречува можноста за развој на симптоматска форма на болеста кај вакцинирани лица. Имено, во рок од четири недели по приемот на првата доза на која било вакцина, овој ризик е намален за околу 60 до 65 проценти.

– Иако оваа информација е многу охрабрувачка за вакцинираните лица, сепак е исклучително важно да продолжите да се однесувате како да имате вирус – рече Мери Ремзи, раководител на одделот за имунизација во PHE.

Студијата опфати повеќе од 57.000 контакти од 24.000 домаќинства во кои вакцинираното лице дополнително било позитивно на коронавирус, а направена е и споредба со скоро милион контакти на лица кои не биле вакцинирани.

Домаќинствата се сметаат за места со „висок ризик“ кога станува збор за пренесување на вирусот и „слични резултати може да се видат на места со сличен ризик од пренесување на вирусот, како што се затвори или станови што ги делат студенти или други „цимери “.

Претходните студии на PHE покажаа дека вакцините „Фајзер“ и „АстраЗенека“ спречија 10.400 смртни случаи кај лица над 60-годишна возраст до крајот на март.

Од почетокот на декември, Велика Британија спроведува масовна кампања за вакцинација и користи вакцини „АстраЗенека“, „Фајзер“ и „Модерна“.

Таму се спроведува една од најбрзите кампањи за вакцинација против ковид-19 во светот. Досега скоро 34 милиони жители ја примија првата доза, а четвртина или 13,2 милиони возрасни ги примија двете дози на вакцината. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ